Новинарот Љупчо Златев рано утрово бил нападнат во ресторан во Скопје. Тој на „Фејсбук“ напиша дека во ходникот на локалот непознато лице почнало да го удира по градите, да го плука и да го влече кон излезот, но бил спречен од други гости во ресторанот.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осудува физичкиот напад врз Златев.
„Според Златев, тој бил физички нападнат од лице, подоцна идентификувано од нападнатиот, кое се обидело да го исфрли од локалот при што му биле нанесени повеќе лесни телесни повреди. Нападот е пријавен во полиција и ССНМ очекува брзо откривање на сторителите и нивно изведување пред лицето на правдата. Слободата на говор и плурализмот во медиумите се основи на секоја демократија и без основна безбедност на новинарите и медиумските работници, не е можно практикување на оваа професија. Ги повикуваме институциите, МВР и Основното јавно обвинителство итно да постапуваат во ваквите случаи и тие да не се оставаат нерешени, бидејќи неказнивоста значи и еден вид охрабрување на идните престапници. Уште еднаш потсетуваме дека е потребна итна измена на Кривичниот закон, при што нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на ваквите напади“, се вели во соопштението.
Осуда за нападот пристигна и од Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (АВМУ).
„Нападите врз новинарите претставуваат загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање. Секој вид на притисок води кон уназадување на демократските процеси и е спротивно на европските вредности, кон кои се стремиме. Агенцијата во повеќе наврати апелираше дека безбедноста на медиумските работници мора да биде загарантирана, затоа што само така ќе можат непречено да ја вршат нивната општествено одговорна професија“, наведено е во соопштението.
„Бараме од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот како и лицата кои биле вклучени во инцидентот. Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници. Сите видови на притисоци и закани кон новинарите и медиумските работници негативно се одразуваат на слободата на изразување и креираат ефект на самоцензура. Очекуваме од идната влада сериозно да се зафати со креирање на безбедна работна средина за новинарите како еден од најважните предуслови за слободно новинарство“, се вели во реакцијата на ЗНМ.
Златев изјави дека се чувствува добро и дека не е сериозно повреден. Случајот е пријавен во полиција, од каде работат на негово расчистување.
„Јас не се плашам, мене криминалци не ме плашат. Јас сум чесен човек кој против ова зло ќе се бори со сите сили. Ако некој сака да ме замолчи, ќе мора да ме убие!“, порача Златев.