Сајтовите на здравство и образование од вчера вечер се мета на анонимни хакерски напади кои траат и денес. Па така наместо содржините на овие институции, на страната на Министерството за здравство се појавува фотографија со следната порака:
„Пак ние. Овој пат најбедното министерство е наш таргет, Министерството за смрт. После се’ што видовме со наши очи, не можеме а да не останеме гневни на сите тие синови и ќерки ставени на позиција да водат Министерство за здравство, каде што здравјето и животите на сите тука ни зависат! Сега ќе испратиме и една добра: за сите медицински лица кои во моментов се во болниците и се борат 24/7 за сите Македонци заболени со Ковид-19, ви симнуваме капа и ви се поклонуваме до земја. “, се вели во текстот постиран на хакираните сајтови.
За овој напад, Министерството за здравство соопшти дека покрај хакираната интернет-страницата, не им функционираат ниту службените мејлови.
Групата Анонимни упаќаат порака дека нема да запрат со уривањето на интернет-страници.
„Во Македонија сè уште има луѓе кои се залагаат за оваа држава, ние сме едни од нив и вие сте нашиот најголем непријател во моментот. Ова е само почеток, нема лесно да се спасите од нас, допрва ќе ви се случува бродолом“, напишаа тие.
Профилот „АнонОпсМкд“ на социјалната мрежа „Твитер“ објави дека тие стојад зад хакирањето, а претходно и за интернет страницата на Државната изборна комисија. Како следна цел тие ги посочија извршителите.
„Извршители-убијци-вие сте на ред, спремете се“, напишаа хакерите на „Твитер“.
Од МВР велат дека веќе постапуваат по пријавите за овие хакерски напади.