ВИДЕО – Расте бројот на семејства во Македонија на кои секојдневно им е потребна храна и облека

Бројот на семејства во Македонија на кои им е потребна храна и облека секојдневно рапидно расте. Хуманитарното здружение „Надеж за сите“ од Прилеп, кое постои од почетокот на годинава досега им има помогнато на над 500 семејства во целата држава. Велат дека бројката на социјално ранливи категории енормно се зголемила со пандемијата на Ковид 19. Иако подолг период барале помош  и од Општината и од државата за канцеларии и магацински простор досега не добиле ништо освен празни ветувања. Повеќе не можеле да функционираат вака бидејќи дел од донациите во храна ги чуваат дома, без најсоодветни услови и немаат простор за работа. Велат не бараме плата за нас, туку само подобри услови за да им се помогне на тие кои гладуваат.

 

 

„Ние не бараме за нас финансиски средства. Не бараме ние за нас плати, за здружениево, како членки единки. Ние бараме државата да застане зад нашето здружение да ни помогне да ги нахраниме тие семејства. Има семејства кои плачат и се гладни. Ние ја бараме таа помош од општината, од државата да посветии малку внимание на тиие семејства. Тие луѓе не им ѕвонат нив, ни ѕвонат нас, не научија како здружение дека помагаме на социјално загрозени семејства, ние ја работиме работата што треба да ја работат одредени државни институции“, истакна Билјана Глигорова, членка на здружение „Надеж за сите“.

 

На граѓаните од здружението им помагаат со храна, облека, покуќнина, но и пари за лекување. А работите кои ги донираат им ги даваат хумани граѓани, а многу поретко фирми. Затоа упатуваат апел во процесот да се вклучи, државата, како и поголемите компании.

 

„Потребно е институциите барем еден ден да дојдат и да присуствуваат на помагање, барем на едно семејство, за да видат колку тие семејства имаат жални приказни, тажни. Навистина е жално да се гледаат нивните судбини, возрасни луѓе да немаат буквално леб да јадат, мали дечиња да немаат леб да јадат, значи страшна е сликата“, рече Васе Благадушоска, членка на здружение „Надеж за сите“.

 

 

Доколку за брзо време не им се обезбеди магацински простор, возило и канцеларија, од „Надеж за сите“ велат дека ќе мора да го намалт обемот на работата затоа што во сите акции трошат и свои лични средства.

 

„Секојдневно добиваме преку 40 до 50 повици, луѓе кои што имаат потреба од наша помош. Премногу се семејства, а ние немаме толку сили да им помогнеме на сите тие семејства“, додаде Глигорова.

 

Од здружението се надеваат дека овие апели ќе ги слушне државата, за можат тие да им обезбедат каков таков подостоен живот на оние на кои тоа им е најпотребно.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи