Чекаме да се случи чудо на 1ви Септември

Времето поминува, уште две недели до традиционалниот почеток на новата учебна година, а децата, родителите, и просветните работници незнаат што ги очекува – традицонална настава, дигитална настава, а можеби и нема да има настава.

 

Ќе се фрла ждрепка, па што ќе се падне тоа.

 

МОН, Комисија за заразни болести, неформални и формални групи на родители, организирани групи на просветни работници – сите со свои лични ставови покажуваат индивидуална свесност, но притоа никако да покажат колективна одговорност – зошто зборот одговорност одамна е заборавен и не се применува.

 

Неподготвеноста и пасивноста на обраозвните институции по се изгледа ќе го урне и така урнисаниот образовен систем, а последиците од тоа пак ќе ги сносат децата и нивните родители, зошто  во нашата земја институциите се секогаш во право, дури и кога грешат.

 

Веќе повеќе од пет месеци просветните работници (со исклучоци) се пасивни набљудувачи и чекаат некој да им даде насоки – мислиш се вработени во индустрија па да видиме што ќе им каже директорот, менаџерот, тим лидерот итн, наместо своето знаење и искуство да го насочат кон адаптирање на успешни практики од други земји па да креираат предлози, да споделат со своите колеги, своите претпоставени, па преку дискусија и надоградување да креираат решенија кои ќе соодејствуваат на оваа неизвесна ситуација во образованието.

 

Предизборно некои од нив, покажаа малку поголема свесност (или само се вклучија во предизборна пропаганда) за ситуацијата и изразија свој став и предлог, но во моментов сите замолчеа. Во исчекување е нова влада, па да за не бидат сфатени погрешно, подобро е да си молчат – поважно е да не ги навредат ”креаторите на политики”, отколку да дадат придонес за наоѓање на решение од оваа неизвесна ситуација.

 

И како и секогаш, така и сега, во оваа ситуација – родителите се криви, зошто имале негативен став кон наставниците и професорите, иако тој став е граден врз реалната слика во нашето образование изминатиов период – без суфикси и придавки.

 

Голем дел од учителите, наставниците и професорите не го спроведоа потребниот фонд на часови како онлајн  настава, некои и воопшто не спроведоа онлајн настава (зошто не била задолжителна, не биле обучени, немале услови од дома да спроведуваат онлајн  настава, немале наставни помагала за тоа итн). Нормално за нив МОН е одговорно зошто не дало јасни инструкции, како МОН да е надворешна инстируција и тие да не се вработени таму.

 

Изненадија некои наставници кои за разлика од тоа што не можеа да се снајдат со онлајн настава во рамките на МОН, најдоа доста креативни решенија за да си ги задржат своите “неформални”  бизниси насочени кон едукација на деца. Порано имаше бесплатна дополнителна настава за деца во училиштата, а денес во ова “модерно” време таа дополнителна настава ја спроведуваат истите учители/наставници, но во убаво уреден простор надвор од учишната зграда и за тоа родителите дополнително си плаќаат (тие родителите кои можат да одделат финансиски средства, а тие кои неможат – никој не им е крив, нека се снајдат ако сакаат детето да им учи).

 

За голем дел од учителите, наставниците и професорите, како и секогаш родителите се криви за тоа што неможеле да одржат онлајн настава, па се наметнува прашањето – дали учителите/наставниците и професорите имаат авторитет, и дали треба да ги следат инструкциите на надлежните институции, или треба да се покорат на желбите и барањата на родителите.

 

Некои од просветните работници покажаа големо непочитување кон децата од маргинализирани семејства и кон децата чии родители не покажаа доволно образовна подготвеност да ги следат инструкциите од учителот/наставникот за да им бидат “замена на учителите/наставниците”. Да се потсетиме – учителите/наставниците треба да ги водат низ процесот на учење учениците, а не да го коментираат степенот на образование на родителите и врз основа на родителите да градат мислења за капацитетот на учениците.

 

И на крај, во нашата земја секогаш се се врти околу финансиите, но учениците не се виновни за економскиот некомодитет на учителите/наставниците/професорите. Просветните работници се дел од носечките столбови за градење на просперитетно и социо-економски одржливо општество, па пред да се заземе генерален став дека системот е погрешен, треба подобро да ја анализираме својата индивидуална и професионална позиционираност во системот.

 

Свесноста за морална одговорност ни е “непознат” поим, а тие кои треба да се двигатели за образовани и одговорни генерации, се изгубија во лавиринтите на “политиките”, личните интереси, недоволната мотивираност, градењето на “елити”,…

 

На сите нас, ни преостанува да веруваме во чуда – зошто само ЧУДО може да не спаси од ова лудило.

 

Автор : Марина Тошеска.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи