Со собраните средства од Pletvar outdoor festival ќе се купат комплети за 3 спасувачи, општината и државата уште немаат дадено ништо

Заврши првиот Pletvar outdoor festival на кој присуствуваа околу 1.500 љубители на природата и разни спортски активности. Организатори на манифестацијата беа Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ и Извидничкиот одред „Феникс“.

 

„За време на трите фестивалски денови имавме посетеност од околу 1.500 љубители на спортско-забавната манифестација ‘Плетвар Аутдор Фестивал’. Имаше учесници од цела Македонија кои останаа да кампуваат во сите три фестивалски денови. Задоволни сме од заинтересираноста, најголем интерес имаше за планинската тура ‘Козјак’, посета на ‘Дуовата пештера’, планинската трка, велосипедската трка, како и на сите останати катчиња како што бевме поделени. Манифестација имаше хуманитарен карактер, во насока да собереме што е можно повеќе средства за дооформување на спасителната служба со нова опрема, материјално-технички средства и се’ што е потребно за развој на оваа служба. Со собраните средства очекуваме да набавиме три комплети (појаси, алатки за качување, јажиња, шлемови, како и други видови алатки) кои ќе помогнат за подобар пристап и развој при работа на терен“, посочи Дарко Неданоски, претседател на спасителна служба „Златоврв“.

 

Извидничкиот одред „Феникс“ во настанот се вклучи со триесетина извидници, кои активно се вклучиле во логистичкиот и програмскиот дел на организацијата на Фестивалот.

 

„Соработката помеѓу извидничкиот одред ‘Феникс’ и спасителна служба ‘Златоврв’, беше одлична за овие три фестивалски денови. Ние дејствуваме во слични сфери. И ние исто како и нив уживаме во планинарските спортови, мораме да бидеме сигурни дека ќе бидеме безбедни. Неретко се случува да има некоја незгода додека сме во планина, додека се занимаваме со планинарење. Токму затоа е тука и спасителната служба, за нас извидниците и за сите љубители на планината. Потребна ни е оваа спасителна служба и затоа се вклучивме во помагањето за нејзино дооформување, а поголем број од нашите членови веќе почнаа да посетуваат обуки за спасувачи. Се надеваме дека не ги разочаравме посетителите, а уште од денеска започнуваме со подготовка на ‘Плетвар Аутдор Фестивал 2021’, посочи Ана Плетварец од Извидничкиот одред „Феникс“.

 

Организаторите на успешно завршениот фестивал, најавија дека по повод Денот на независноста на нашата земја, во вторник на 8 септември, од 09.00 до 14.00 часот во одделот за трансфузиологија при Општата болница „Борка Талески“ ќе биде организирана крводарителска акција, за што упатија апел до граѓаните да ја поддржат оваа иницијатива и да даруваат од скапоцената течност.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.