Охрид SOS: Механизација на Усеини црпи песок од Езерото за потреби на бетонска база

Facebook
Twitter
Email
Print

 

Механизацијата во сопственост на Нефи Усеини копа песок од литоралот, односно крајбрежјето на Охридското Езеро, за потребите на бетонската база која требаше да биде урната, обвинува неформалното еколошко движење „Охрид SOS“.

 

Локацијата каде се копа е во права линија со базата. Нашиот сограѓанин кој го сподели видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, за подобро да види што се случува, но добил вербални закани, тврдат од еколошкото движење „Охрид SOS“.

 

„Зарем бетонската база не се демонтираше и рушеше? Дали Оливер Спасовски и Министерство за внатрешни работи ќе се одважат и ќе ги запрат овие активности на брегот и вистински, до крај, ќе ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база? Што е приоритет – јавниот интерес, заштита на животната средина и почитување на правдата и законите или еден надмен поединец кој изминативе години е неприкосновен и оставен да прави што сака во општината?“, прашуваат од „Охрид SOS“.

 

Неформалното еколошко движење бара веднаш, уште денес, властите да започнат со брза и одлучна акција и да го запрат дивото копање езерски песок од крајбрежјето и да ги казнат физичките или правните лица кои ги изведуваат градежните активности.

 

„Ќе ја затворите бетонската база и ќе наложите нејзино демонтирање и рушење. Ако на почеток Усеини побарал сам да го стори тоа, а се покажа дека само излажал и купувал време, сега најдете фирма која ќе го стори тоа. Не чекајте, ако „Македонија пат“ ја руши дивоградбата во Скопје, нека дојдат после тоа и во Охрид, да се продолжи низата. Во спротивно од старт ќе покажете дека новата влада е само лицемерие и неспособност завиткано во убава хартија. Само вистинска и решителна акција ќе покаже дека сите тие зборови не се само празни фрази во етерот“, ѝ се обраќаат на новата Влада активистите на „Охрид SOS“.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи