50-тината преостанати вработени во државната компанија „Еурокомпозит“ од Прилеп, цели 8 месеци, среде пандемија на Ковид 19 и голема економска криза се оставени буквално без денар и никаква помош од државата. 8 месеци немаат земено плата. Се водат како вработени, а исто како и да не се. Се молат да не се разболат затоа што немаат здравствено осигурување. И додека огромен дел граѓаните добија разни ваучери како помош, овие 50-тина луѓе не добија ништо. Што е уште пожалосно ниту еден државен орган за 8 месеци не ги исконтактирал да ги праша како и од што живеат.
„8 месеци немаме земено ниту денар. Сите приватни фирми добиваа некакви ваучери, некаква помош, понекоја плата му даваше државата ние немаме земено нииту денар досега. Имавме и жалба пуштено до УЈП немаме одговор никаков од нивна страна зошто ние да не добиеме никакви ваучери. Ваучерите што ги даваше државата за купување на македонски производи и туризам требаше да ги добиеме и ние. Не дека ваучерите за туризам ќе ги искористевме, бидејќи ние нема со што да се нахраниме, ама комплетно сме заборавени“, рече Роберт Богданоски, претседател на синдикатот.
Во оваа државна фабрика 8 месеци нема струја, дворот е веќе зараснат од треви, а фабриката ја чува полиција, бидејќи нема кој да плаќа стражари и обезбедување. Пред неколку месеци имаше и кражби на опрема.
„Бевме 60-тина вработени од кои 10-тина си заминаа поради причина што немаа здравствено осигурување. Се пријавија под Бирото за вработување колку да имаат здравствено осигурување. Нека излезат јавно и нека кажат дека повеќе ништо не бидува со нас и да знаеме на што сме“, кажа Богданоски.
Телефонски се слушнавме и со директорот Милан Тоцев кој истакна дека и тој нема никаква информација што ќе биде со фирмата во иднина. Признава дека ситуацијата е катастрофална. Се надевал дека наскоро ќе оствари некаков контакт со некој од новите министри. Но до сега и него никој не го исконтактирал.