40 годишната Билјана Мирческа од Прилеп се сомнева дека има примарен билијарен холангитис, ретко хронично заболување на црниот дроб. Ги има сите симптоми, и наскоро треба да ги направи потребните испитувања. Болеста најчесто се јавува кај жени на возраст од 30 до 65 години кои имаат проблем со тироидната жлезда, а главен симптом е беспричински замор и чешање. Во однос на актуелата состојба според Мирческа болните од оваа болест не треба да одат на работа барем уште некое време затоа што доколку добијат Ковид 19 тоа би можело да има големи последици кај нив. Бара поголемо разбирање од државата.
„Со новите препораки за да се посети специјалист, за да се продолжи одењето или неодењето на работа, мислам дека ќе создаде дополнителна гужва по Клиниките кај специјалистите и дополнителен ризик за проширување на Ковид 19. Меѓутоа сметам дека не би требало да одат на работа, барем уште некое време, додека се стабилизира состојбата, за да можат и тие потоа да одат редовно на работа. Затоа што ако тие се инфицираат со вирусот на Ковид 19 сигурно би имале многу посериозни проблеми“, истакна Билјана Мирческа, претседател на здружението СЛАП од Прилеп.
Воопшто не се знаат причините за оваа автоимуна болест чиј тек во повеќе случаи е асимптоматски. Кај нас нема статистика колку има заболени, само се знае дека бројот секоја година расте.
„Настапува како резултат на непрепознавање на самото тело или организам на непрепознавање на жолчните патишта во црниот дроб и со тоа настапува постепено уништување на жолчните канали во црниот дроб. Покасно настанува воспаление на црниот дроб, покасно фиброза и на крајот цироза“, рече д-р Анета Јанакиеска Димеска, општ лекар.
Овие лица се препорачува да посетуваат и психолог кога ќе ја добијат болеста.
„Се работи за реконструирање на старите шеми односно навики на однесување пред да се соочи со новата состојба и прифаќање на тоа дека сега е потребно нешто да смени во неговиот живот“, кажа Лориса Стојковиќ Трајкоска, психолог.
Засега е неизвесно дали државата ќе ги послуша апелите на здружението СЛАП од Прилеп, чиј претседател е Мирческа, овие пациенти да останат уште извесен период дома и да не одат на работа. Инаку утре е меѓународниот ден на лицата заболени од оваа болест.