Казна од најмногу 100.000 евра ќе плати рудникот „Саса“ за вчерашното истекување на јаловината во Каменичка река. Инспекторите за животна средина утврдиле дека вчера за час и половина по попуштање на насипот истекле околу 3.000 кубни метри јаловина во реката.
Од општина Македонска Каменица веќе најавија дека со менаџментот на рудникот е постигнат договор за чистење на Каменичка река од наталожената јаловина. Реката е загадена по речиси целото течение од хидројаловиштето до нејзиното влевање во Калиманци. Се уште се утврдува какви ќе бидат последиците по живиот свет во оваа вештачка акумулација, со оглед на тоа дека дел од јаловината завршила во езерото
Внатрешната истрага, но и истрагата на Државниот рударски инспекторат треба да покаже зошто попуштил насипот на најновото јаловиште што во употреба беше пуштено во април годинава, а во него се вложени шест милиони евра.