ВИДЕО – Македонскиот Модиљани – Никола Мартиноски и уникатните дела во неговата Галерија во Крушево

 

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


 

Галеријата на Никола Мартиноски во Крушево е еден од неколкуте музеи во овој град. Сместена е во куќа која е стара околу 200 години и претставува навистина уникатен примерок на старата градска архитектура. Сопственик на оваа куќа било семејството Таху, а потоа од нив ја откупува Јанку Таше. Галеријата е отворена во 1968 година по повод 65 години од подигнувањето на Илинденското востание.

 

 

„Никола Мартиноски тука поклонил 62 дела за неговите сограѓани. Со тоа сакал да ја прикаже и старата градска архитектура на Крушево. Инаку овие куќи се градени од дрво, камен и вар. Приземјето служело за економски потреби, првиот кат за приготвување на храна и како спални соби. А додека во вториот кат имало специјално соби за гости, за имендени и визити. Ретко во Крушево може да се најде ваква куќа каде има скали од двете страни. Чардаците се поврзани со логиите, балконите, бордурите на таваните се рачна изработка, мотивите на вратите се исто така рачна изработка“, истакна Зорка Наумоска Гули, презентер во Галеријата Никола Мартиноски.

 

 

 

Инаку доајенот на македонската современа ликовна уметност, Никола Мартиноски, е роден на 18 август 1903 година, само неколку дена после Илинденското востание, токму во екот на пустошењето на Крушево од страна на Османлиската војска. Кога имал 7 години се преселуваат во Скопје, во Топаана и токму животот во оваа населба потоа имал огромно влијание врз неговото творештво.

 

„Со уметноста се запознава всушност при одењето на занает кај Папрадишки, кај еден од нашите последни зографи, уметници или оној премин на зографството како уметност кон уметноста како класична штафелајна уметност. Таму се запознава со уметноста и фактички мислам дека точно тогаш се раѓа неговата љубов кон уметноста, па има желба да го продолжи своето школување, да ја учи уметноста, да го учи сликарскиот занает. После смртта на неговиот татко таа жеба му се остварува, пратен е во Романија, во Букурешт, да учи на Високата школа за уметности во Букурешт“, рече Борис Маркоски, историчар на уметност.

 

Откако дипломирал по една година заминува во Париз. Уметноста во овој град ќе изврши особено влијание врз неговата понатамошна работа, особено стилот на светски познатиот сликар Модиљани, па често пати Мартиноски го викале и македонскиот Модиљани. Откако се враќа во Македонија во 1935 година се соочува и со казна затвор поради тие негови авангардни сфаќања и пренесување на голото женско тело во своите дела.

 

„Кога веќе станува збор за некаква споредба, за некаков квалитет на неговата уметност би сакал да го цитирам помладиот Кирил Пенушлиски кој за Мартиноски вели дека всушост се започнало од него. Односно современата уметност во Македонија започнува од четкичката и платното на Никола Мартиноски. Како што кажавме од Париз се враќа назад, ја започнува неговата професионална кариера, учествува во многу уметнички друштва, започнува да реализира свои изложби меѓу кои би кажал за неговото фрескосликарство, ѕидно сликарство или сликарството кое го прави во кафеаната „Океан“, во централното градско подрачје, каде што се судира со тогашната власт заради покажување на голотија или покажување на порнографски слики. Секако во рамките на неговата уметност тој длабоко стои на мислењето дека тоа воопшто нема врска со порнографија, дека тоа е уметност, без разлика на кој медиум се наоѓа, дали се наоѓа на платно, на ѕид и итн. Но како и да е, за таа негова слобода, за таа негова авангарда добива и казна од властите. Ако добро се сеќавам казната беше 50 динари или еден ден во затвор“, потенцираше историчар на уметност, Маркоски.

 

 

 

Во Галеријата на Мартиновски има цела една просторија која е посветена на делата од т.н. париски период од 30-тите години на минатиот век. Едно од најпознатите дела тука е неговиот автопортрет нацртан во 1931 година.

 

Феноменалноста кај Никола Мартиноски се состои во тоа што ги работи сите техники и сите уметнички периоди. Работи експресионизам, кубизам, импресионизам, односно практично и да нема техника која не ја пробал, а во тоа да не е совршено успешен.

 

„Она што него го одвојува од останатите би рекле сликари е неговата пасија од сликање на циганите. На оној обичен слој на луѓе или би рекол правецот во кој тој се определува е социјалниот-реализам. Ги слика циганите, ги слика жените, ги слика питачите, ја слика целата таа тогашна социјална ниска класа. Но при тоа неограничувајќи се само на тоа. Ги слика жените. Тој има една чудна карактеристика, еден чуден спој во неговото чувство кон жените. Неговото чувство кон жените се движи во два правци, можеби и во три правци, незнам дали и можи да го категоризираме. Нив ги слика и како мајки, како доилки, како нешто совршено, како да во секоја жена тој ја гледа својата мајка. Воедно ги слика и во својот ерос, ги слика голи, ги слика актови“, додаде Маркоски.

 

 

 

Кога сме кај жените во галеријата се чува и т.н. „Македонска Мона Лиза“ – сликата „Доилка“, масло на платно од 1967 година.

 

„Една од најпознатите е нашата „Мона Лиза“ во Македонија, „Доилка“, 1967 година. Оваа слика во 1972 година била изложена во Париз. Па парижани не сакале да ја вратат бидејќи била доста вредна. Со големи интервенции од Министерството за култура вратена е сликата. Некаде има и репродукции, а оваа е оригиналот која се наоѓа во Крушево. Во нејзиниот поглед може да забележите дека каде и да се завртите таа ве прати. Мајчинството, храброста, достоинството, гордоста на мајката се овде прикажани“, рече, презентерката Зорка Наумоска Гули.

 

 

Тука се и голем број други негови ремек дела од повеќе негови периоди.

 

„Од сите периоди има застапено слики, од кои позната му е и „Две девојчиња“. Обично Мартиноски ја слика социјалната положба. Две девојчиња препуштени само на судбината, неговите ликови како да доаѓаат од долината на плачот. Тука се наоѓа уште една позната и значајна слика, „Освојувач мангуп – Дете со цигара“, кажа Наумоска Гули.

 

„Во 1948 година е насликана сликата „Борба на Мечкин Камен“. Крваво небо, крваво знаме, воинот со камен како ја претставува тешката битка. 18.000 турска војска, со 350 востаници“, истакна Наумоска Гули

 

 

 

 

„Како што ќе видите во другите простории се опфатени сликите на обичаите од типот именден, слави, венчавки итн. Сите тие обичаи се правеле во домовите. Во нашите домови, сите тие организации биле во домовите и сето тоа е многу интересно прикажано преку неговите слики“, додаде историчарот на уметност Маркоски.

 

„Мартиноски знаел во сите техники да црта, една од најтешките техники која што се наоѓа во Галеријата е масло на стакло. Цртано е позитив-негатив од позади е цртано. Има и графики, линорез, дрворез, масло на стакло, масло на платно и друго“, истакна презентерката Наумоска Гули.

 

Во состав на овој објект освен прекрасните дела на неповторливиот Мартиноски посетителите може да видат како изгледала една типична крушевска соба од 19 век која била наменета за посети, визити и имендени, но и соба за секојдневна намена. Интересно е да се каже дека кај старите крушевски куќи камините се граделе по правило секогаш на северната страна и во тие соби имало помалку прозорци, поради студените климатски услови, а додека јужната страна на куќата секогаш имала повеќе прозорци.

 

„Оваа соба служела за приготвување на храна и за дневен престој. Меѓутоа во ладните денови некогаш еден до друг и спијале тука на рогузина. Рогузина која што е направена од влакното од коза на разбој. Потоа се најдуваат предмети кои се наоѓаат во домаќинството, тие се бакарни предмети. Околу софрата јаделе. Има мангал со кој се загревала просторијата. Каде што немало огништа мангалот се носел во други простории за да се загреат просториите. Долапите, бидејќи биле вградени во дебелите камени ѕидови, во нив се чувало храна за да стои храната во ладно. Плетеното, тоа што е над ламбата, се вика бажур. Инаку завесите, чаршафите се рачна изработка од вештите раце на крушевските жени, кои плетеле, везел и ткаеле на времето“, рече презентерката Наумоска Гули.

 

 

Другата соба е собата за визити односно имендени и карактеристично за неа е што таа се употребувала само еднаш во текот на годината кога и бил именденот, односно кога се славел светителот на тој што го носел неговото име.

 

„Карактеристично е затоа што немало пристап цела година, цела година стоела затворена, само за именден се отворала оваа соба. Визитите траеле 5 до 10 минути. Се служело домашно вино, ракија, ликер и кратко траеле визитите. На времето доаѓале по 100 гости, седнувале на миндерите, се служело со таблата традиционално. Над каминот стоело бифето. Се викало честито име и толку, колку да се чести името на газдата. Едни седнувале други заминувале. На времето така било“, кажа Наумоска Гули.

 

 

 

Токму поради целата оваа уникатност, непроценливите дела на Мартиноски и приказната која ја раскажуваат самите негови дела, овој музеј е еден од најпосетуваните не само во Крушево, туку и во целата држава.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.