Фатиме Фетаи ја ослободи Рангелова од обвинението за „Шлаканиците во Центар“

Обвинителката Фатиме Фетаи денеска, пред завршните зборови, се откажа од обвинението против тројца од обвинетите во случајот познат како „Шамарите во Центар“: поранешната пратеничка Даниела Рангелова, која беше советничка во Општина Центар за време на насилствата на протестите летото 2013, како и Милан Андоновски и Борче Богдановски.

 

Во случајот обвинети остануваат 7 лица од вкупно 14 кои беа опфатени на почетокот со обвинението. Првообвинет останува експремиерот Никола Груевски кому му се суди во отсуство, поранешниот министер Миле Јанакиески, како и лица учесници во протестите, меѓу кои е и Александар Трајковски.

 

Во овој случај веќе има три пресуди: Осудени се Мирко Пецев, кому му се судеше во одвоена постапка, како и двајца советници во Центар од ВМРО-ДПМНЕ во 2013, кои признаа вина и добија условни казни.

 

Обвинетите се товарат за поттикнување и организирање на насилните протести пред просториите на Општината летото во 2013 година кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи