Инфо Компас денеска одбележува 3 години од своето постоење, 3 години од идејата да се создаде нешто ново во прилепскиот медиумски простор, нешто поинакво, уникатно и необременето со политички багаж и позадина. После 3 години од нашиот прв текст слободно може да кажеме дека сме на добар пат.
Огромната посетеност на порталот, довербата и поддршката која ја добиваме од Вас читателите е нашиот мотив да продолжиме со уште поголем елан и понатаму.
Најмногу сме горди на тоа што Инфо Компас стана отворена платформа за искажување на сите граѓански проблеми и тоа без никаква цензура! Инфо Компас е гласот на „малиот човек“, на сите негови маки, проблеми, но и радости и успеси.
3 години стоиме на страната на граѓаните, секогаш први на местото на настанот, со поддршка на маргинализираните групи, соработка со НВО секторот, поддршка на граѓанските иницијативи, промотори на младите таленти од градот, секогаш тука за презентација на спортистите нивните успеси и подвизи.
После долги години докажавме дека може да има локален медиум кој ќе опстојува и без парите кои ги дава градоначалникот, општината, јавните претпријатија, други државни институции или пак некоја партија, без разлика дали таа е на власт или во опозиција.
Освен објективноста, другиот заштитен знак на Инфо Компас е тоа што е еден од поретките портали во Македонија кои работат со своја продукција на видео прилози.
Ние пред се постоиме за Вас, читателите. Вие бевте, сте и се надеваме дека и во иднина ќе останете нашата најголема поддршка со која ќе продолжиме и понатаму да бидеме лидери во медиумскиот интернет простор во регионот, бидејќи навремената и објективна информација е една од суштинските вредности на демократијата.