Во услови на примена на мерките за заштита од коронавирусот, денеска за 660 првачиња од општина Прилеп започна првиот школски час.
Во учебната 2020/2021 година, во основните училишта во општина Прилеп настава ќе посетуваат 6.546 ученици, од кои 660 првачиња, додека во средните училишта се запишани вкупно 3.133 ученици.
Во општина Прилеп, настава со физичко присуство ќе се изведува за 1.230 ученици.
Почетокот на новата учебна година, градоначалникот Илија Јованоски го пречека заедно со првачињата од ООУ „Кочо Рацин“. Посакувајќи им успешен почеток на нивното образование, градоначалникот Јованоски нагласи дека и покрај новонастанататите услови, возбудата кај првачињата, но и кај нивните родители, е повеќе од видлива.
„Новата реалност ја прифатија и првачињата, но сите заедно ќе ја надминеме оваа состојба, затоа што веруваме во себе, во наставниците, а вие, родителите се соочивте со овој предизвик од првиот училишен ден. Ви посакувам годината која е пред нас да биде убава, а на сите првачиња им го честитам првиот училишен ден, со желба по извесно време да станат академски граѓани“, изјави градоначалникот Јованоски.
Директорката на ООУ „Кочо Рацин“, Зора Чадамова, рече дека и покрај специфичната ситуација, училиштето организирало успешен почеток на школската година.
„Им посакавме добредојде на првачињата, а на учениците од второ и трето одделение им овозможивме настава со физичко присуство. Во моментов во училиштето има 60 ученици, а капацитетите со кои располага нашето училиште овозможуваат да се почитуваат мерките и препораките на Министерството за образование“, истакна Чадамова.
Директорката на ООУ „Кочо Рацин“ напомена дека во подрачното училиште вонаселбата „Рид“, настава ќе посетуваат 80 ученици.