Членови на Комисијата за заразни болести викендов прават анализи за начинот на кој што се пренесува корона вирусот, поради што може да дојде до ескалација на епидемиолошката состојба, по што во понеделник, како што информираат изворите на Фактор ќе излезат со неколку препораки до Владата.
„Прво дефинитивно ќе предложиме да се намали работното време на локалите, ноќните клубови, кафулињата и така натаму, практично секаде каде што има голема концентрација на луѓе, а речиси никој не ги почитува мерките за заштита од корона вирусот. Ние навистина дозволивме угостителските објекти да работат од економски аспект, но ова повеќе нема никаква смисла, сè е претерано, и нормално е да имаме рекордни бројки на новозаразени. Еве, токму синоќа во локал во Драчево имало присутни повеќе од 2.000 луѓе. Гостувал некој пејач од Србија. Навистина не знам со кој памет се прави сето ова. Затоа нашата препорака ќе биде работно време за угостителските објекти и ноќни локали да биде ограничено до 22 часот. Сметаме дека рестриктивните мерки навистина имаа добри резултати“, вели изворот на Фактор.
Освен тоа, како што потенцираше тој, на состанокот в понеделник ќе биде предложено и тоа, в недела да не работи ништо, ниту маркети, ниту молови, ниту угостителски објекти, како што е праксата секаде во светот.
„Крајно време е тоа да го направиме. Недела мора да биде неработен ден за сите. На тој начин, освен што сега практично ќе се заштитиме ширење на корона вирусот, ќе може да здивнат и вработените во моловите чие работно време е до 22.00. Недела треба да се знае дека треба да биде ден за со семејството. Така функционира современиот свет“, вели изворот на Фактор.
Препораките на Комисијата за заразни болести ќе следат по вчерашната втора рекордна бројка од 225 новозаразени од почетокот на епидемијата на Ковид-19 во Македонија.