„Да не е Галеб?“ е првата претстава на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп која за прв пат ќе се одржи утре во Домот за култура „Марко Цепенков “ на затворено од почетокот на пандемијата. Работена е по текст на Чехов, ќе се игра на мала сцена со само 35 луѓе публика, која постојано треба да носи маски. Претставата трае 2,5 часа со пауза, а на паузата не е дозволено групирање на луѓе. Протоколи за заштита освен публиката има и за глумците. Пробите се правеле со заштитни маски, но премиерата не.
„Треба актерите да држат дистанца за време на пробите, да носат заштитни маски, визири. Постојано се врши дезинфекција на сите простории, на сцената, на сценографијата, на реквизитите“, вели Саша Нацевски, режисер на претставата.
„Нормално се почитува колку што се може и на проби ние се трудевме, да не се лажеме не бевме со маски цело време, мислам невозможно е, но имаше моменти ако некој се почувствува настинат или има проблем, стававме маска, се дистанциравме, се дезинфициравме, нормално се миевме раце итн“, истакна Димитар Ѓорѓиевски, актер.
Но сепак дел од актерите и режисериите велат дека културата е во очајна финансиска систуација и била потребна поголема помош од државата и таа да била потранспарентна.
„И претходно беше катастрофа, а сега е апокалипса, катаклизма. Ние во изминативе 6-7 месеци целосно го затворивме нашиот театар, не сме државна институција, не зависиме од државен годишен буџет“, истакна Нацевски.
Дел пак од актерите велат дека иако можеби нема пари театарот ќе преживее, затоа што поминал и низ потешки работи од Ковид 19.
„Театарот може да опстои во секакви услови, најбитното својство на театарот е дека опстојува, дека е многу отпорен на се. Театарот успеал во чума, во пандемија, во сите војни и послатко е некогаш да е театарот сиромашен, во криза, тогаш е подобро“, рече Димитар Ѓорѓиевски, актер.
„Мотивот стана многу, многу поголем и се разбуди позитивниот гнев во нас за да сме уште подобри на сцена“, додаде Илија Волчески, актер.
Со своја прва премиера на затворено во ноември се очекува да излезе и народниот театар „Војдан Чернодрински“.