Поради безбедност, капацитетот на седишта ќе биде ограничен, со што замолуваме да се почитуваат мерките за заштита, односно, да носите заштитна опрема – маска, држење на растојание, дезинфицирање пред влезот на Храмот Свети Никола, мерење на температура, како и, почитување на протоколот за влез на концертот кој ќе го контролира задолжено лице.
Христу Мулар ( 1955, Крушево – 2017, Скопје) беше музичар со долгогодишно искуство како гитарист, автор, педагог, организатор, уредник и издавач на повеќе носачи на звук и книги со музички материјали. Во изминатите три децении успешно се занимаваше со повеќе музички жанрови – од изворната македонска и влашка музика, популарната, па се до класичната музика. Тоа се гледа и од неговите музички изданија – неколку касети и компакт дискови со македонски и влашки народни песни од Крушево и крушевско, детски песни, а подоцна и два компакт диска со обработки на македонски забавни композиции за гитара и оркестар, избор од скопските фестивали, “Макфест”.
Со свои композиции успешно учествувал на повеќе фестивали, а забележливи се и неговите концерти за класична гитара, во дуо гитари, со виолина, флејта, камерен оркестар.
Од 2002 година како уметнички директор успешно ја организираше ревијата за детски песни со влашки и македонски текстови “Primuveara” (“Детска пролет”), а од 2010 година беше уметнички директор на интернационалниот фестивал “П.С. Гитар-фест”. Во Крушево организираше летни и зимски семинари за гитара а на повеќе меѓународни гитарски фестивали беше член на жирија и држеше мастер часови.
Исто така, подолго време се занимаваше со етномузиколошка дејност. Собрал и евидентирал повеќе од 700 македонски народни песни а дел од нив се објавени во збирката “110 македонски фолклорни бисери”. Голем дел од неговите активности беа насочени кон проучување, собирање и презентирање на влашките народни песни. Во неговата архива евидентирал повеќе од 500 изворни влашки песни, а резултат на тие негови заложби се и петте збирки од едицијата “Антологија на влашки песни”.
Повеќе детали за настанот на следниот линк.