ВИДЕО – Велкоски: Партизаните и тоа како знаеле за што се борат, ултиматумот на Бугарија е дрзок, да создаваме културни односи по примерот на Делчев

 

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


 

Историчарот Илија Велкоски од Прилеп вели дека на 11 Октомври започнува револуцијата против фашизмот, за борба за слобода, за борба за независност, за борба за создавање сопствена држава. Според него партизаните во НОБ оделе со континуитетот на старите борци од Илинденскиот период. Партизаните во 1941 до 1944 година многу добро биле свесни зошто се борат. Сите биле млади луѓе, со голема енергија и свест и оделе за сопствен идентитет, за сопствена држава. Последнит ултиматум на Бугарија го оценува како дрзок и вели дека таа нема право да ја негира нашата историја и јазик. Според Велкоски сето ова го правела за да се заборави нејзиното фашистичко минато.

 

Г-дине Велкоски денеска се одбележуваат 79 години од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор. Кое е значењето на овој ден, на 11 Октомври, за Македонија?

 

11 Октомври е еден од најзначајните датуми во историјата на македонскиот народ. На 11 Октомври започнува новата револуција против фашизмот, за борба за слобода, за борба за независност, за борба на сопствена држава. Тие луѓе кои го кренаа востанието на 11 Октомври 1941 година за среќа донесоа слобода на Македонскиот народ и за прв пат Македонскиот народ доби сопствена држава.

 

Колкава е жртвата што Градот херој – Прилеп ја дава во НОБ ?

 

Значи Прилеп е градот каде што почнала револуцијата 1941 година. Само со бројки да ви кажам, од Прилеп директно со оружје во рака учествуваат над 2.600 револуционери, 8.000 се директно вклучени во борбата како логистика, 650 паднати жртви, 150 носители на партизанска споменица 1941-ва и 15 народни херои, што е многу за еден град од 24 или 25.000 жители колку што имал Прилеп во 1941 година.

 

Дали оваа борба на партизаните во НОБ има свој континуитет во минатото на македонскиот народ?

 

Како што напоменав македонскиот народ во својата вечна борба за слобода има долгогодишен континуитет. Еве последно да го земеме Илинденското востание 1903 година, за жал тие учесници не успеале да ја ослободат Македонија, меѓутоа партизаните од 1941 до 1944 година ја ослободија Македонија и формираа своја сопствена држава. За пример, сите партизански одреди и поголеми воени единици беа наречени со имињата на претходните борци. Првиот партиизански одред во Прилеп е наречен „Гоце Делчев“, па потоа имаме партизански одред „Пере Тошев“, „Ѓорче Петров“, „Јане Сандански“, што значи дека партизаните оделе со континуитетот на старите борци од Илинденскиот период.

 

Во денешно време имаме негирање на дел од нашата историја, дали партизаните во 1941 година биле свесни за што се борат?

 

Со формирањето на партизанските одреди и нивното раководство тие навистина знаеле за што се борат. Сите соседни држави на некаков начин сакале да ја присвојат Македонија. Во 1912-1913 година целокупното тело на географска Македонија било распарчено и само Вардарскиот дел останал во состав на тогашна Југославија. Значи сите соседни народи сакале на некаков начин да ја освојат Македонија. Партизаните во 1941 до 1944 година многу свесни биле зошто одат. Сите млади луѓе, со енергија и свест оделе за сопствен идентитет, за сопствена држава.

 

Зошто тогаш Бугарија ја негира скоро целата наша историја, нашиот национален идентитет, јазик и сето тоа го поставува како еден вид на услов за започнување на преговори со ЕУ?

 

Република Бугарија во никој случај нема право да ја негира историјата на Македонија. Таа во 20-тиот век 3 пати се обидела да ја освои Вардарска Македонија, 1913 година, за време на Првата светска војна и за време на Втората Светска војна. За жал Македонија е најромантичниот ден од Бугарската историја. Бугарите имаат своја сопствена историја и не треба нас да не кочат во понатамошните процеси за интеграција на ЕУ. Сега последниов ултиматум стварно е дрзок и непријатен за нашата држава. Уште еднаш ќе кажам дека Бугарија нема право да го стопира нашиот процес. Ние имаме свој идентитет, своја држава, свој јазик и тоа е завршена работа. Бидејќи нашиот јазик и нашиот идентитет е забележан во Обединетите нации, а и Договорот помеѓу Македонија и Бугарија вели дека Бугарија нема да ја стопира Македонија во евроатланските процеси.

 

Зошто тогаш еден ваков однос од страна на Бугарија?

 

Јас мислам дека Бугарите сакаат да го променат делот на нашата историја, да го прикажат Делчев како Бугарин, да го прикажат македонскиот јазик како бугарски, да ги прикажат Македонците како западни Бугари, но на тоа немаат право. На некој начин тие сакаат да го скријат или заборават фашистичкиот дел 1941-1944 година кога Македонија беше поробена од Бугарија и со жестоки репресалии се однесуваше спрема населението и партизаните.

 

Во целиот овој процес има огромно мешање на политиката наместо вистинско толкување на историјата. Како понатаму треба да се одвиваат овие процеси помеѓу двата народи?

 

Прашањето ви е на место, политиката треба да се остави на политичарите, а историјата на историчарите. Ние треба да се сплотиме како народи, бугарскиот и македонскиот народ. Како што рече некој да изградиме автопат помеѓу двете држави кој ќе се вика „Гоце Делчев“, треба да воспоставиме економски односи, треба да воспоставиме културни односи. Како што и самиот Гоце Делчев рекол „Јас светот го разбирам како поле за културен натпревар помеѓу народите“. Тоа е многу голема мисла, Бугарите комшии треба добро да ја сфатат.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи