Бојан Јовановски -Боки 13 излегува од „Шутка“ и оди во домашен притвор, откако Апелациониот суд Скопје ја прифати неговата жалба.
„Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави решение КОКЖ – 68/20 со кое жалбата на обвинетиот Б. Ј., осуден со првостепена пресуда по предметот КОК бр. 116/19, во јавноста познат како ‘Рекет’, изјавена преку неговиот бранител, се уважува. Решението на првостепениот суд се преиначува на начин што се укинува мерката притвор кон обвинетиот Б. Ј. и се определува мерка куќен притвор“, соопшти Кривичниот суд.
Боки 13 во случајот „Рекет“ беше осуден на 9-годишна затворска казна, а му се суди и за случајот „Меѓународен сојуз“, кој моментално е во прекин поради тоа што на Јовановски му е влошена здравствената состојба и постојано е во болница.
Јовановски беше 15 месеци во затворот во Шуто Оризари.