Локалитетот Градок во Мариово кој се наоѓа над вливот на Лисичка во Црна река годинава повторно во фокусот на археолозите од Институот за старословенска култура. Градок во антиката бил населба за која што се претпоставува дека броела од 2.000 до 3.000 жители, а потоа од 9 до 14 век прераснува во манастирски комплекс со две цркви, од кој едната потекнува уште од 5 век. Годинава со истражувањето се добија нови сознанија дека населбата постоела уште од раната антика, некаде 1 век п.н.е., а не само во доцната антика и втората знајчајна придобивка се новите сознанија за поврзаноста на манастирскиот комплекс со манастирот Свети Никола во селото Манастир.
„Кои од една страна ни потврдија дека во овој југозападен сегмент е конституиран многу сериозен систем на конаци, при што од особено значење се податоците дека во рамките на едни вакви културни слоеви откријавме делови од луксузна глазирана садова керамика која по своето потекло се поврзува со работилниците во Солун. Втората димензија која се наметнува е функционалната и хронолошка корелација со манастирот Свети Никола во Мариово во селото Манастир. Бидејќи овие места се воздушно оддалечени само 5 км.“, истакна Бранислав Ристески, раководител на проектот.
Ова место има стратешка позиција на југ спрема Меглен и Солунско поле, а на север се поврзува со Повардарието. Практично овие 2 манастирски комплекси ,овој, кој не се знае на кој светител е посветен и Свети Никола во Мариово се најзначајниот центар околу кој се одвивал животот во Мариово во средниот век.
„Во период на Среден век тука немаме засведочено градска населба, имено имаме супститут да на урбаниот, градскиот живот во овој регион се манастирите. И токму овој простор тука таа супституција ја објаснува во сите свои финеси, економски, религиски, стопански“, додаде Ристески.
Со истражувањата ќе биде направено и тродимензионално моделирање на населбата, а ќе се изврши и топографско снимање на видливиот дел од фортификацијата.