Времето на оваа локална власт на СДСМ и градоначалникот Илија Јованоски полека, но сигурно изминува. Во овие три години додека се на власт Илија Јованоски, заедно со Миле Талевски и нивните послушници го вратија Прилеп 20 години назад. Ова денеска на прес конференција го истакна Влатко Петкоски, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конферецијата ја пренесуваме во целост.
„Пред три години ја побараа и добија поддршката на прилепчани со програма за „Нов живот”. Ветуваа се’ и сешто, а добивме ништо!
Ветуваа изградба на две обиколници околу Прилеп, ново училиште, нова спортска сала во ООУ “Кире Гаврилоски”, реконструкција на Старата чаршија, изградба на нов театар и целосна гасификација на градот.
Ветија и излагаа дека ќе изградат две нови градинки и затворен базен, ветија реновирање на поранешната соколана и намалување на сметките за вода за 20%, иако граѓаните денеска плаќаат за 60% повисоки сметки.
Јованоски, Талевски и Заев ветуваа чист воздух и чиста животна средина за Прилеп, а сведоци сме дека цела зима прилепчани дишат отров.
Листата на лаги продолжува со ветената обнова на планинарскиот дом Дервен, ветеното реновирање и пуштање во употреба на Универзалната сала и реновирање на спортската сала “Македонија”.
Ги деградираа и излагаа Ромите на кои им ветуваа решавање на сите инфраструктурни проблеми, од чиста вода за пиење, до уредување на улиците, канализацијата и осветлувањето.
Најнеспособната локална власт молчеше и кога нивниот сопартиец Горан Сугарески ја запре изградбата на експресниот пат Прилеп-Градско, па Прилеп и понатаму остана слепо црево во Македонија.
А и што друго да се очекува од луѓе кои година ипол градат мовче од 20тина метри, кои цели 7 месеци работат на реконструција на булевар и потрошија цел милион евра за 4 автобуси?
Сето ова се ветувања во кои граѓаните веруваа и се надеваа дека ќе се реализираат и ќе се подбри нивното секојдневие. На Јованоски му останува помалку од една година, па и магионичар да стане нема да успее сето ова да го направи.
ВМРО-ДПМНЕ останува на страната на народот и заедно со граѓаните ќе го подигнеме гласот против сите лаги и против сите криминали!“, истакна портпаролот Петкоски.