СДСМ на чело со премиерот во заминување Зоран Заев, повторно по којзнае кој пат ги излажаа и ги заборавија вработените во прилепскиот Еурокомпозит, изјави на прес конференција пратеничката Ане Лашкоска.
„Пари за исплатa на неисплатените плати и придонеси на овие работници, повторно и во буџетот за 2021 година, СДСМ одлучи да нема. Уште едно лажно ветување и поигрување со судбината на вработените во прилепски Еурокомпозит“, рече Лашкоска.
Таа обвини дека СДСМ уште еднаш ги остави овие луѓе на цедило – ги остави без плати, но замислете, во услови на пандемија и тешка секојдневна борба со Ковид 19, ги остави и без здравствено осигурување.
„Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ преку амандман на буџетот за 2021 година предложи веднаш и без никакви изговори, да се обезбедат средства во висина од 172 милиони и 480 илјади денари со цел конечно да се реши овој горлив проблем на вработените во прилепскиот Еурокомпозит.
За мене како пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој доаѓа од Прилеп, но и за целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, решавањето на овој проблем, со оглед на важноста и тежината, секогаш бил и е приоритет.
Како во изминативе 3 години, така и сега, ние ќе продолжиме да се бориме со сите средства кои ни се на располагање се додека СДСМ и нивниот шеф Зоран Заев конечно не се сетат и не одлучат да го решат овој повеќегодишен проблем со исплатата на платите и придонесите за овие луѓе.
Затоа уште еднаш ги повикувам СДСМ и колегите пратеници од владеачкото мнозинство, да си ја признаат сопствената грешка, да го поддржат овој амандман на ВМРО-ДПМНЕ и како знаат и умеат да обезбедат средства за овие луѓе.Само така ќе покажат дека имаат искрени намери и работат за решавање на проблемите на граѓаните. Во спротивно, доколку не го сторат тоа, уште еднаш ќе докажат на дело дека перфектно лажат, манипулираат и си поигруваат со трпението и човечките животи и судбини на луѓето”, изјави Лашкоска.
Видео од барањето на амандманот од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Петар Ристески.