50-те таблет компјутери кои на Општина Прилеп и’ ги донираа прехранбената индустрија „Витаминка“ и продукцијата „Преспав“, денеска стигнаа во рацете на ученици од ООУ „Добре Јованоски“. Станува збор за донација наменета за ученици од социјално ранливите семејства, со цел непречено следење на онлајн наставата.
За време на денешната распределба на таблет компјутерите, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на учениците им посака пред се’ да бидат здрави и да имаат успех во учењето.
„Денеска сме во ООУ ‘Добре Јованоски’, каде на учениците од ова училиште ќе им поделиме 50 таблет компјутери. Станува збор за донација од прехранбената индустрија ‘Витаминка’, која како општествено одговорна компанија дава придонес во севкупниот општествен развој, посебно во образовните институции од нашиот град. Овие таблет компјутери пристигнуваат во вистински раце, кај учениците на кои во овој момент им се најпотребни и сигурен сум дека ќе ги искористат на вистински начин. Ова не е последен пат да донираме таблет компјутери. Постојат најави и од други компании и невладини организации, чии донации ќе пристигнат во вистински раце“, изјави градоначалникот Јованоски.
„ООУ ‘Добре Јованоски’ има најголем број на ученици кои доаѓаат од социјално загрозени семејства. Денешната донација од Општина Прилеп и ‘Витаминка’ од 50 таблети е од големо значење во актуелната ситуација со пандемијата на Ковид-19. Со цел да ги запазиме мерките за заштита од коронавирусот, во наредните 2-3 дена ќе бидат поделени сите 50 таблет компјутери“, истакна Сузана Дарковска, директор на ООУ „Добре Јованоски“.