ВИДЕО – Прилепчанец кој живее во Швајцарија обезбеди донација од 20 неинвазивни респиратори за прилепската болница вредни 200.000 евра

Прилепчанецот Дејан Аџиоски, кој веќе подолг период живее во Швајцарија, успеа да обезбеди донација од 20 неинвазивни респиратори за општата болница „Борка Талески“ во Прилеп. Неговиот дедо починал пред неколку дена од Ковид 19 во прилепската болница каде и Аџиоски лично присуствувал и ги увидел проблемите со кои се соочува оваа установа. Кога се вратил во Швајцарија веднаш стапил во контакт со свој пријател кој ги произведува овие респиратори и и тој со еден збор одлучил да дониира 20 од нив за болницата во Прилеп. Претходно кога започнала пандемијата Аџиоски разчно изработил околу 1.000 визири кои исто така ги донирал.

 

 

Г-дине Аџиоски Вие подолг период живеете во Швајцарија, но еве успеавте да обезбедите донација од 20 респиратори за прилепската болница, во еден доста значаен момент за тоа, кога се наоѓаме среде пандемија на вирусот Ковид 19 и кога овие апарати се доста потребни. Како точно дојде до реализација на овој проект?

 

Пред неколку дена ми се случи еден доста немил настан поради што морав да се вратам во Македонија. Моите баба и дедо беа болни од Ковид 19. Пред 3 дена дедо ми почина во прилепската болница од корона вирусот. Имав лично можност од терен да се запознаам со вирусот и со проблемите кои ги имаат граѓаните и ги видов недостатоците кои ги има болницата во Прилеп од страна на апаратура. Кога се вратив тука во Швајцарија веднаш започнав со контакти со сите мои пријатели кои ги имам тука за да можеме да обезбедиме нешто за болницата во Прилеп. Една од важните работи кои недостасуваа беа респираторите кои би можеле да спасат многу животи. Имам тука еден многу добар пријател со кого соработувавме во една фирма каде порано работев, фирмата се вика „BCD Microtechnique“ на господинот Седрик Пахуд и обезбедивме 20 респиратори кои вчера ги испративме за Прилеп. Тие би требало во прилепската болница да пристигнат во вторник или среда идната недела.

 

За каков вид респиратори станува збор?

 

Тие се неинвазивни респиратори, ќе има соодветна обука и за медицинските лица во болницата.

 

Колкава е височината на оваа донација?

 

Фирмата BCD Microtechnique“ на господинот Седрик Пахуд ги изработува овие респиратори, 20-те респиратори чинат околу 200.000 евра.

 

Дали веќе стапивте во контакт со Општина Прилеп, со болницата, како тие реагираа ?

 

Да, контактиравме со градоначалникот кој е координатор во Ковид центарот во Прилеп, заедно со општината ја организиравме оваа акција. Побаравме да ни достават едно писмо во кое ќе се образложи ситуацијата и ќе се побара помош, конкретно за респиратори.

 

Значи донаторот веднаш се согласи да овозможи една ваква донација која што чини навистина прилично и сумата воошто не е мала?

 

Да, навистина имам пријателски односи со Седрик Пахуд заедно со него во 2010 година работевме во една фирма за изработка на еден вид прстени кои служат како бајпаси. Останавме во контакт од тогаш еве цели 10 години и навистина и јас бев изненаден со еден телефонски повик ми кажа дека нема проблем и дека ќе донира 20 респиратори.

 

Дали вие или донаторот ќе дојдете идната недела во Прилеп?

 

Јас нема да бидам во можност, бев во Македонија околу 7-8 дена, сега моментално нема да можам да се вратам, исто и господинот Седрик Пахуд нема да може да дојде. Но сепак му ставивме до знаење на градоначалникот дека кога ќе се подобри ситуацијата ќе има можност да се сретниме и да ја посетиме болницата.

 

Г-дине Аџиоски дали со овој ваш огромен хуман гест сакате да пратите и една порака до останатите Македонци кои живеат надвор од Македонија да го следат вашиот пример и да и помогнат на сопствената држава во едни вакви тешки моменти како што е пандемијата на вирусот со Ковид 19?

 

Секако, како што и претходно кажав, јас бев во болницата и видов детално кои се проблемите, кои се недостатоците таму и трагедиите кои ги доживуваат луѓето. Упатувам повик до сите Македонци кои се наоѓаат во останатите држави, во дијаспората, да стапат во контакт со надлежите институции на Македонија, со болниците, со градоначлниците. Сега во овој период на Ковид мислам дека треба максимално да се ангажираме и да помогниме сите. И исто да не се зема дека овој бран ќе помини, мислам дека ќе биде тешко и во наредните 6 месеци, па можеби и година. Сега е момент да се спасат голем број животи. И после короната треба да бидат свесни нашите институции дека треба да се ангажираат и да бараат помош од дијаспората. Мислам дека има голем број луѓе кои имаат огромна желба за помош, само треба да се поврзат луѓето помеѓу себе и да се олесни целата таа можност за помош во Македонија.

 

Г-дине Аџиоски ви благодарам за ова интервју, благодариме како прилепчани за донацијата која што ја дадовте за нашата прилепска општа болница, примете сочувство за смртта на вашиот дедо и еве да се надеваме дека овој ваш хуман гест ќе го следат и другите Македонци кои се во можност и ќе помогнат да се надмине полесно оваа пандемија.

 

Благодарам, јас само уште еднаш сакам да кажам дека и после ова треба да останеме во контакт за да преку вакви акции го подобриме здравството во Македонија и се надевам дека што е можно побрзо ќе дојдам и во Прилеп.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи