Кампања за безбедност во сообраќајот и носење зимска опрема во Прилеп

 

 

Во центарот на Прилеп денес се одржа едукативна кампања за носење на зимска опрема на возилата, во огранизација РСБСП, Министерство за внатрешни работи – Отсек за превенција при СВР – Битола, Полициска станица Прилеп и компанијата за увоз и извоз на пневматици „Мотоцентар“.

 

Целта на кампањата е подигање на свеста кај возачите за употреба на зимска опрема и намалување на бројот на сообрајќајни незгоди во овој период од годината.

 

„Под зимска опрема се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите од 4 мм, или летни пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите од 4 мм и синџири за снег на погонските тркала. Овој период од годината е карактеристичен по појава на дождови, голомразица, снег и токму затоа како РСБСП апелираме до сите учесници во сообраќајот на патиштата да не се случи да бидат изненадени или затекнати од времето. Напротив, да направат соодветна техничка проверка на возилото и да обезбедат соодветна зимска опрема со цел безбедно да пристигнат на посакуваната дестинација“, изјави Ристо Манчев од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

 

Сепак според Манчев, користењето на зимски пневматици е далеку побезбедно од користењето на летните пневматици во зимо, без оглед на состојбата во која тие се наоѓаат.

 

„Истражувањата покажуваат дека опцијата за користење на зимски гуми е поисплатлива во споредба со летни гуми со синџири. Зимските гуми, важно е да знаат граѓаните не се само гуми за снег, туку тие се идеални за температури под 7 степени Целзиусови. Во услови на ниски температури, летните гуми добиваат својство на пластика и пролизгуваат на коловозот. За разлика од тоа, во услови на ниски температури зимските гуми се направени од материјал кој што останува мек и обезбедува стабилен контакт со подлогата. Зимските гуми имаат таков дизајн и шара кој овозможува лесно истиснување на водата, снегот и остатоците од снег во споредба со летните кои се дизајнирани за други потреби. Предноста на зимските гуми е во тоа што тие обезбедуваат континуирана заштита. Синџирите за снег се монтираат по потреба, па со оглед на тоа дека влажните коловози и појавата на голомразица поради ниските температури во раните утрински и доцните вечерни часови, не може да биде изненадување“, додаде Манчев.

 

Од РСБСП апелираат до сите учесници да го почитуваат Законот и да поседуваат зимска опрема. Обврската за користење на зимска опрема се однесува на периодот од 15 ноември до 15 март следната година и истата ги опфаќа  сите учесници во сообраќајот независно од тоа дали патуваат во населено место или надвор од населено место. Казната за немањето соодветна зимска опрема изнесува 15 евра.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи