Мирчески: Успешното формирање и делување на Иницијативниот одбор на тутунарите е рецепт за формирање Земјоделска партија кај нас

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

ИЗВОР : ЗЕЛЕНА БЕРЗА

 

Игор Мирчески од анонимен тутунар во Прилеп, за само неколку дена стана еден од лидерите на тутунопроизводителите кои на маса ги седнаа Министерот за земјоделство и откупувачите. Вели дека нивната ФБ група „Македонски тутунари“ е комплетно непартиско тело, а единствен кохезионен фактор на илјадниците членови, кои биле од сите националности, била маката, односно ниските откупни цени на тутунот. Мирчески вели дека Македонија е аграрна земја, каде 60% од населението се занимавало со некаков вид на земјоделство. Токму затоа смета дека успешното формирање на Иницијативниот одбор на тутунарите за толку кратко време е рецепт како да се формира и Земјоделка партија која конечно реално ќе ги застапува интересите на земјоделците.

  

Кој е Игор Мирчески и колку време се занимавате со тутунопроизводство?

 

Со тутунопроизводство професионално се занимавам веќе 20 години. Кога ќе кажам професионално, зборувам за одгледување на тутунот на големи површини. Сум садел досега од 5 па се до 8 хектари, а сум предавал од 5 па се до 15 тони на тутун. Имам доста вложено во механизација и инфраструктура се со цел да се добие поголем принос. Тоа и ми е целта, да остварам што е можно повеќе од единица површина. Само со висок принос можам да ги оправдам големите трошоци кои ги имам за производство. Не работам ништо друго, не е вработена ниту мојата сопруга, живееме исклучиво со парите од тутунот.

 

Ова година колкава површина обработувате?

 

Годинава засадив тутун на 3 хектари и планирам да извадам околу 10 тони на тутун. Тутунот ми е квалитетен и нема да го дадам за ефтини пари.

 

Игор Мирчески, од непознат тутунар за неколку дена стана фактор кој преговара со државата и откупувачите за маките на тутунарите во цела Македонија, како се случи тоа ?

 

Ние како тутунари бевме дел од една социјална група на ФБ. Со почетокот на откупот луѓето споделуваа свои маки судбини, пресметки кои ги добиле кога го предале тутунот, огромни одбитоци, ниска класа, изразуваа огромен револт и се појавија многу такви земјоделци. И затоа решивме да создадеме своја група на ФБ, која ќе биде наменета исклучиво за тутунари и ја нарековме „Македонски тутунари“, за да не се мешаме со други земјоделски гранки и да можеме да се разбереме подобро. За 3 дена групата броеше 3.000 членови, за 5 дена 8.000 членови и бројот континуирано се уште расти. Се договоривме сите дека мора нешто да направиме бидејќи ако реколтата замине вака ќе ни ја земат маката за џабе.

 

Самото членство предлагаше кој да влези во Одборот. Здружението кое во моментов треба да ги штити нашите интереси не ги штити, тоа ја штити државата, а не нас. Луѓето предлагаа разни луѓе кои потоа влегоа во Иницијативниот одбор. Ние со тие луѓе не се ни познававме, ниту сме биле пријатели на ФБ. Ние само зборувавме во групата, после тоа станавме пријатели на ФБ. До пред дена пред протестите ние се немавме ниту видено, не се знаевме ниту како изгледаме. Во групата има луѓе од разни националности Македонци, Албанци,Турци, Роми, Власи, Бошњаци. Нас националност и религија не не интересира. Ние зборуваме за тутунот, а не за политика. Нас не спои маката и сите заедно рековме дека одиме до крај ќе ги бараме нашите права, бидејќи нашите права се скратени.

 

 

Колку мина брои Иницијативниот одбор?

 

Одборот брои 11 мина, а може и да се проширува, бидејќи од разни градови се појавуваат и други луѓе.

 

 

„Можеби некогаш ќе не сметаат за револуционери на ваквото земјдоделско неполитичко обединување, но сега нас ни е важно само да ја спасиме реколтата. Во последниве 10 години се нема случено цената на тутунот да оди надолу, постојано се качувала“

 

 

Можеби за прв во Македонија за толку кратко време се формира едно непартиско тело составено исклучиво од земјоделци кое ги обедини маката и ниската откупна цена на тутунот. Сметате дека сте на еден начин пионери и револуционери во ова?

 

По време можеби ќе не сметаат за револуционери, но во моментов нашите приоритети се единствено да се спаси откупот, да се спаси реколтата. Ние работиме по реколти. Нас сега во март не чека нова реколта. Мене лани до 19 декември ми беше предаден 7 тони на тутун и исплатен. Сега јас си ја планирав за новата реколта. Секој си има свои визии. Ако претходната реколта одела добро, зошто не би одела и оваа. 10 години наназад постојано се качуваше цената на тутунот, по денар, два пет, зависност од реколтата, ама никогаш немаше слезено наназад. Неможе наеднаш да слези 60 денари, врз основа на што? Тие се правдаат временски неприлики. За некои градишта и реони да, ама секаде немаше такви дождови и поплави, некаде дождовите се добредојдени онаму каде нема хидросистем. Водата придонесе за поголем принос и раст на тутунот. Сега сите набраа доволно килограми. Имавме одлична есен, до крајот се исуши бербата, до последниот лист се набери. Непадна слана. Сите услови покажуваат дека реколтата не е лоша. Тие кои имаат насадено порано му се јави проблем во трета рака, тие кои имаат покасно во втора рака, но тоа е една рака, неможе за една проблематиична рака да ни ги земат така сите раце. И во таа проблематична рака тутунот не е 100% уништен. Ако земиме во балата 60% е здрав, здравото нека го платат, 40% еве нека оди во чкарт, ама неможе 100%.

 

 

 

Ние сме ставени до ѕид, назад нема каде, од ѕидот нема назад, има само напред и ќе одиме до крај. Тутунот за џабе не го даваме“

 

 

Зошто сметате дека ова се случува годинава, после 10 години зголемување на цената, од лани просечна цена 220, сега имаме 120?

 

Ние не знаеме точно и не треба да знаеме, ние не сме професионалци во работава за да знаеме. Нашата роба си ја знаеме, таа велиме дека е квалитетна. Тие зошто велат дека не е квалитетна, тоа не го знаеме. Кој може да кажи дека е квалитетна или не, не се ни тие меродавни. Робата наша е кај нас, по амбарите, по таваните, не е кај нив. Тие откако ќе ја купат можат да проценат дали е робата квалитетна или не, треба да ја вклучат науката да видат зошто е тоа така, кои се причините, не може од непочната реколта тие да кажуваат дека не чини, дека е лоша, па да се дојде до нијанса. Нијансата е 5-10 денари, не е 100 денари. Значи ние не знаеме што се случува и не навлегуваме во тоа што се случува, ние бараме робата да се плати квалитетно како што си е, да не не манипулираат оти не може повеќе. Ние сме ставени до ѕид, назад нема каде, од ѕидот нема назад, има само напред и ќе одиме до крај, нема назад.

 

Се надевате дека ќе постигнете договор со откупувачите?

 

Мора. Ситуацијава е таква да мора. Ковид криза е, ние ќе се збираме, тие треба да не дозволат да се збираме. Нема да правиме кластери, ќе ја испозаразиме цела држава, проблеми огромни ќе се создадат, а мора да го правиме тоа за да ги седниме на маса и да разговараат за вистински и решливи проблеми. Начин мора да најдат како да го решат тоа, значи се се решава во државата, има механизми и можат да го направат тоа, ако се сака и ако се има волја. Проблеми решаваме ние разни, еве решаваме проблеми, тргнавме со решавање проблеми и одиме во Европа. Значи само со решавање, не со уназадување. По таков принцип нека го решат и овој проблем, значи решлив е. Оваа Влада се покажа дека ги решава проблемите, на каков начинтоа ќе суди историјата, меѓутоа ги решава проблемите, е сега нека го реши и овој проблем.

 

Државата вика дека таа е само медијатор и не може да влијае?

 

Не е точно дека е само медијатор, така се поставени работите, меѓутоа ние сме партнери во процесот. Интересот е тростран, држава, откупувачи и производители. Ако тој процес се скине некаде, меѓу нив ќе има огромна кавга. Сега тие процесот го скинаа во наша штета, ама и ние ќе изразиме револт, не може да застанеме тука. За да си поделат тие колаче, треба ние да страдаме, тоа нема да се дозволи.

 

Колкави ќе бидат загубите ако остане цената од 100 до 120 денари за килограм?

 

Луѓето нема да можат да продолжат нова реколта, ќе паднат во загуба. Производната цена е 200 денари. Ако некој точно го вкалкулира целокупниот трошок што се прави, нас ни остануваат субвенциите, толку. Колку имаш тони, толку имаш и субвенција. Јас со 7.000 евра нека ми направат математика како ќе живеам цела година и нова реколта да почнам. Ние плаќавме работници по 160, 180, 200 денари од саат, сега како ќе ги плаќаме? В година нема да може да насадиме, нас за помалку од тиа пари работници нема да ни дојдат. Значи ќе треба уште во трошоци да влегуваме, свесно да губиме и ова вака нема да заврши, мора да се реши како што треба.

 

 

Сте имале притисоци како Иницијативен одбор?

 

Не, од ниту една страна. Луѓето не се во таков филм влезени, чесни се, тутунопроизводители се. Тие сите се активисти, членови, симпатизери, секој на избори за некого гласа, но нас овде не не споија политичките партии, нас маката не спои. Не ни е битно дали е православен или муслиман, дали е Албанец, Турчин, Влав, Србин, не ни е гајле. Ние си правиме муабет за проблемите во тутунот, немаме ние муабет за политика, ние не бистриме политика, нека ја

бистрат политичарите.

 

 

„Спасот за земјоделците во иднина е формирање на Земјоделска партија во Македонија, а ќе бараме промени во Здружението кое не застапува, тоа не си ја врпи работата како што  треба“

 

 

Ќе барате понатаму во иднина можеби промена на Здружението кое ве застапува?

 

Ќе се бара, но нема Игор да бара, јас не сум титулар во Иницијативниот одбор. Мора да се најде механизам да се заштитат земјоделците, на ваков начин се виде дека не може. Дали тие ќе се реорганизираат, дали некој од ова ќе потекни иницијатива да го зачлени друштвото и подруго да го реши проблемот, секогаш тие мора да бидат во функција на тутунарите, на лозарите, на овоштарите, на оризарите, никој не ги заштити. Годинава проблем имаше секаде, цела година целиот род така го зедоа. Сега ќе дојде откуп на јагне, исто ќе се случи. Ама ние бидејќи сме поголема група, се погоди моментот и еве го револтот. Требаше некој да почне, ние почнавме.

 

Само сплотени можеме да направиме нешто. Јас во првиот пост што го напишав во групата, кажав дека Македонија е аграрна земја, 60% се занимава со земјоделие во разни гранки. Дека од тие, ако се сплотат сите и да се паметни има огромен потенцијал. Да гласаат за своја партија. Земјоделската партија ќе формира и разрешува влади, тие не треба да бркаат политика. Да си го решат секторот земјоделие, а ако тие што треба да бркаат политика не го решат проблемот во земјоделие, ќе ги разрешат, ќе дојдат нови влади. Вака земјоделците сега се во разни партии, раскарани и не можат да дојдат до израз, да си ги решат проблемите. А нивните маки се решливи, земјоделски, ние не бараме високи политики, да имаме зелена нафта, да имаме добра механизација, да има нормален пазар на производот, тоа што ќе го произведиш да можеш да го продадеш за прифатлива цена. Ние не бараме да се збогатиме, еве јас 20 години не сум збогатен. Многу се прости и реални работите, тоа што се произведува да се плати. А државата ако не знае како, треба да праша како е на запад регулирано, земјоделците се поим во светот. Ако се јави протест во државата земјоделски, нешто не чини во државата, нешто се случува оти се удира по најбедната класа. Едно е да седите во парламентот или во некоја удобна фотелја, друго е на поле денес цел ден да те печи сонцето. Огромни се разликите.

 

 

 

„Формирањето на Ииницијативниот одбор е рецепт како да се формира Земјоделка партија“

 

 

Спасот за земјоделците е само во формирање на земјоделска партија?

 

Мое мислење, ако сакаат во иднина да си го решат проблемот, под итно. Како што кажав земјоделците не се делат по вера, по религија, сите одат на поле, сите имаат иста мака. Ако се здружат да си ги решат своите маки ќе има голем успех. Политичките партии што сега не водат тоа го знаат, ама сме раскарани и не можеме да се сплотиме. Но еве дојде начин како да се сплотиме, само нека ја копираат нашава идеа и визија и проблемот е решлив.

 

Значи ова е некаква увертира во формирање на земјоделска партија?

 

Да, кој што сака да види како е сценариото, како се почнува за такво нешто, еве го сценариото, само се напиша, не требаше никој да го пишува.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи