Утре Плетвар блокиран 6 часа – се интензивираат протестите на тутунарите

Се интензивираат протестите на незадоволните тутунари чиј револт секој ден е се поголем. Од Иницијативниот одбор пред малку соопштија дека тие утре ќе го блокираат планинскиот премин Плетвар на патот Прилеп-Градско цели 6 часа, од 10 до 16 часот. Тутунарите се крајно револтирани на откупувачите за кои велат дека си поигруваат со нивната мака и судбина. Обвинија дека и покрај сиите средби и ветувања и денеска линијата за откуп не била флексибилна и „жолтото злато“ не се ценело според вистинскиот квалитет.

 

Инаку Плетвар е единствениот патен правец кој, освен ако не се оди преку Скопје, ја спојува Источна и Западна Македонија.

 

„Некаде тутунот се ценеше подобро отколку минатите денови, но на поголем дел од откупните пунктови ситуациијата беше иста. Ваква скалеста линија не е прифатлива за нас. Врредноста на тутунот треба да биде секаде иста, на сите пунктови во цела Македонија, а не да се создава ваков лажен просек. Ние ќе продолжиме со зголемен интензитет на протестите и ќе одиме до крај, нема повлекување, тутунот за џабе не го даваме“, велат членовите од Иницијативниот одбор на тутунарите кои ги организираат протестите

 

Инаку денеска огромен број тутунари буквално од цела Пелагонија дојдоа во Прилеп и во траење од 2 часа го блокираа патниот паравец Прилеп-Скопје кај месноста викана Заполшки мост.  За да не дојде до радикализација и ширење на Ковид 19 со ваквите протести и со вакви масовни собири тие побараа државата веднаш да го реши овој нивни проблем затоа што според нив дека револтот бил толку голем што целата ситуација со протестите и блокадите можела многу лесно да излези од контрола.

 

„Ова веќе ќе излези надвор од контрола, веднаш под итно да дадат гаранции за тоа што го бараме, да гарантираат откупувачите кон државата, оти ова ќе прерасне во анархија, во збирања, во ширење на ковид кластери, луѓево немаат каде. Нема да се повлечат, верувајте ќе одат само напред и напред. Да не дојде до тоа, итно да си најде државата механизам да го спречи овој грабеж што се случува на тутунопроизводителите и веднаш да го реши проблемот“, вели Игор Мирчески, Иницијативен одбор на тутунарите.

 

„Нам ни е сосем сеедно дали ќе умреме од настинка, корона или глад. Ако е потребно, до идната нова година ќе блокираме, ќе ја блокираме цела држава. Има светот да се чуди со блокади се додека не го постигнеме она што го бараме, а тоа е достоинствен живот, услови за достоинствен живот за сите овие луѓе што овде ги гледате. Цела година работиме, за 20 до 30 минути некој на кантер, по наредба треба да не изгори, да ни ја одери кожата и да си одиме дома со по 100 денари за килограм тутун“, истакна Васко Јосифоски, тутунопроизводител од Трновци.

 

Тутунарите велат дека нема да го предадат тутунот под вакви околности. Бараат итно укинување на 4-тата класа која според нив ги предизвиккувала најголемиот дел од проблемите и ја уривала нормалната цена на тутунот. Бараат цената да не биде пониска од 180 до 190 денари за килограм и гаранции дека оваа цена ќе остане во текот на целиот тек на откупот.

 

Останува деновиве да се види дали откупувачиите ќе попуштат и ќе ги зголемат откупните цени.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи