Тутунарите денеска во Прилеп по трет пат ќе се сретнат со Министерот за земјоделство и откупувачите и ќе се обидат да изнајдат решение за нивниот проблем. Обвинуваат дека во моментов се вршел класичен грабеж на нивната мака. Тутунот се ценел од 100 до 120 денари за киилограм. Поради тоа и денеска го блокираа патот Прилеп – Скопје во траење од 6 часа. За состојбата го обвинуваат и Сојузот на земјоделци, кој според нив не ги заштитувал. Побараа итно повлекување на поверениците од вагите и стопирање на откупот.
„Еве тука имам еден документ, една пресметка од еден тутунар кој предал дел од тутунот и каде што се гледа дека целиот откупен тутун е оценет во 4-та класа. Па тој човек нема да има пари ниту за конците што ги потрошил“, вели Васко Јосифоски, Иницијативен одбор на тутунари.
„Цела година работиме за на крај за еден час да ни се земи тутунот за 100 или 120 денари за киилограм. А ваму лажат дека тутунот се ценел 150 и 160 денари. Лажат. Еве имавме пресметка декка 15 картони се земени во 4-та класа, како не им е срам и жал само“, истакна Ријат Рамичевиќ, Иницијативен одбор на тутунари.
Тутунарите велат дека и да се постигне некаков договор на денешата средба ќе бараат писмени гаранции за истиот за да не бидат повторно излажани.
„Моментално што и да ветат ќе одиме тоа да биди на писмено. Не само на збор, вака ќе биди, така ќе биди, а другиот ден пак ништо да не биди“, рече Тони Ангелески, Иницијативен одбор на тутунари.
Министерот пак земјоделство претпладнево истакна дека не сака пред време да дава оценки како ќе помине средбата. Ќе сакал пак да ги слушне и двете страни.
„Очекувам дека денеска ќе имаме некакво решение за тоа како треба да се одвива целиот процес. Очекувам да имаме позитивни резултати. Јас мислам дека моментално има две вистини ии треба да ја најдеме средиината на една вистина и се надевам дека ќе има поместување на подобро“, изјави Аријанит Хоџа, Министер за земјоделство.
Доколку не се постигне никаков договор тутунарите најавуваат блокади на откупните пунктови и протест пред Влада.