ВИДЕО – Јованоски : Без државна помош невозможно е издавање на стрипови на македонски јазик

Блек, Загор, Марти Мистерија, Алан Форд, ова се само дел од имињата на стриповите кои многумина денес ги потсетуваат на нивната младост и ги враќаат во времето кога биле деца или пак тинејџери. Но за некои пак тоа време никогаш и не завршило. Љубовта кон стрипот продолжила во текот на целиот нивен живот, се до денес. Еден од тие вљубенци во стрип уметноста и страстен колекционер е и Александар Јованоски од Прилеп кој има над 3.000 стрипови. Со стрипот започнал за прв пат да се дружи пред 40-тина години.

 

 

Кога постарите повеќе купуваа стрипови, ние како деца повеќе ги разменувавме на баскет, на мал фудбал. Носевме по 10, 20 стрипа и ги разменувавме за оние што ги немаме прочитано. Од прилика тоа време почнав“, вели Јованоски.

 

Кои стрипови беа тогаш?

 

Па Загор, Марк, Блек, претежно беа така во поредовна едиција, со подобар распоред на излегување. Претежно постарите ги купуваа, младите повеќе ги читавме, ги киневме и разменувавме. Малку колекционери имаше тогаш кои можеа да следат и да бидат во тек со издаваштвото, затоа што за разлика од денеска, со интернетот имаме се. Имаме корици на стриповите, имаме редослед на издавање на едициите, имаме илјадници текстови. Тогаш не знаевме ништо, тогаш беше авантуристичката приказна интересна за нас“, додаде стрип колекционерот Јованоски.

 

Со собирање пак на стрипови Јованоски започнал некаде 1999 година, кога на интернет започнале да се појавуваат огласи за стриповите.

 

И така од подзаборавени, по тавани, можеа да се сликаат, зачуваност, број, старост. Се раздвижи, има можеби стотици и стотици илјади колекционери до ден денес, продаваат, купуваат од цела бивша Југославија, особено иселеници што се од овие простори кои читале на времето како деца, сега се во подобра финансиска ситуација, така да не штедат многу пари за добро сочуван стрип од тоа време“, рече Јованоски.

 

Никогаш не престанал да купува стрипови, тоа го прави и денес, нормално со стриповите кои се достапни кај нас и кои може да се купат.

 

 „Претежно купувам тоа што доаѓа кај нас на трафика. Ги има само српскиот Алан Форд, по нешто од една стрип книжарница која постои во Скопје и фактички е единствен двигател на оваа наша домашна стрип сцена. Во зависност од можностите, денес постојат и електронски стрип книжарници, денеска можете се да купите, од овие бивши ЈУ републики, до американските, француските итн., зависно што сакате“, истакна Јованоски.

 

Јованоски е и еден од ретките Македонци кој започнал со издавање на стрип на македонски јазик. Но вели дека во овој момент без поддршка од државата издавањето на стрипови е невозможно. Државата во сите други држави го субвенционирала нивното издавање.

 

2008 година ја основав Варм Комикс и можам да ви кажам дека имав пари за 6 стрипа, а издадов 24. Меѓутоа со промената на ДДВ-то од 5 на 18%, пред тоа поскапи и хартијата и беше малку тешко за издаваштво, особено без поддршка од ресорно Министерство за култура. Во споредба со Србија, со Хрватска, каде ги поддржуваат издавачите, кај нас се уште не ги поддржуваат. Можеби ние како стрипомани, како издавачи немавме некоја иницијатива, можеби треба тоа повеќе да се биде поупорен. Се надевам дека еден ден и ние би имале силни издавачки стрип куќи и дека би се исправила една мала неправда. Замислете да го немате Шекспир издадено на македонски јазик, или Достоевски, или Толстој, така ние ги немаме на македонски Дизни, ги немаме овие предвоени стрипови како Флаш Гордон, Мандрах итн., ги немаме Астерикс, Таличен Том на македонски јазик и слични на нив, а не се малку“, кажа Јованоски.

 

Јованоски вели дека во Македонија има доста колекционери, дел од нив собирале од љубов, но стрипот отсекогаш освен пасија бил и добар бизнис кој носи одлични пари ако имаш стари и добросочувани стрипови.

 

Малку е поголем притисокот со овие стари стрипови, со оглед на цената и со оглед на тоа што малку е тешко да се прелистуваат со оглед на времето. Така да ако е со оцена 5, со едно прелистување може да стане оцена 4 и така да му се намали вредноста“, вели Јованоски.

 

Колку оди еден ваков стар стрип, околу 30 години?

 

Па од 68-ма почна посериозно издавање во поранешна Југославија, така да првите сочувани стрипови одат од 250 до 500-600 евра. Зборувам за добро сочувани стрипови, одлично сочувани. Се разбира на некого не му се воопшто битни и без пари да му го дадеш, не му значи ништо“, потенцира Јованоски.

 

Стрип издаваштвото во светот секаде е намалено во однос на тиражите, исто како и весниците и магазините, но сепак опстојува. Доколку сакаме и ние конечно да имаме стрипови на македонски јазик, со светски познатите ликови и херои, неминовна е помош од држвата, без тоа ќе продолжиме истите да си ги читаме на странски јазици.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи