ВИДЕО – 100 годишнината од раѓањето на Конески УНЕСКО ја запиша како значаен јубилеј во светот за 2021-ва

100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, која ќе се одбележи в година, УНЕСКО прифати да ја запише во својот календар за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година. Тоа ќе биде уште една глобална афирмација на македонскиот јазик, наука и култура ако се знае дека Конески е кодификаторот на современиот македонски јазик и негов голем чувар и бранител. Денеска на 99 годишнината од неговото раѓање премииерот Зоран Заев, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска ја посетија неговата родна куќа во селото Небрегово.

 

 

„Во оваа насока деновиве Министерството за култура ја започна подготовката на програмата со кој во национални и во меѓународни рамки ќе се одбележи оваа значајна годишнина во текот на целата идна година. Животот и делото на Конески се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, со што се исполни вековниот сон на редици и редици генерации, кои го негуваа и учествуваа во остварувањето на тој сон во реалност. Конески ги поврза стремежите на неговите претходници, Рацин, Мисирков, Миладиновци и многу други преродбеници од 19 и 20 век, кои ја прифатија светлината на просветителската мисија на Светите Кирил и Методија, Св. Климент и Наум, која тие им ја дарија на сите словенски народи во Европа. Блаже Конески ја проучи и разработи суштината на македонскиот литературен јазик, го насочи неговиот развој како современ литературен јазик сообразен со светски прифатените стандарди. Соочен со отпорот за признавањето на посебноста и на корените на македонскиот јазик, освен на научната сцена Конески ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет“, исткна премиерот Заев.

 

Министерката за култура Стефоска рече дека токму тука во неговото родно село Небрегово требало да се присетиме на наследството кое тој ни го оставил и кое е централната, модерна нишка на нашата државност.

 

100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески се случува во време на големи искушенија, но самиот Конески бил човек кој стамено стоел пред сите предизвици. Затоа овој јубилеј не треба да го сватиме како еден миг со кој ќе се присетиме на минатото, туку како поттиг за мудро надминување на противречностите за стамено чекорење кон иднината. Блаже Конески тивко но упорно извојувал многу битки за самобитноста, за јазичните значенски вредности, за знаењето, за уката. Сите во него го препознаваме нашиот современ Климент Охридски. Покрај ерудицијата, интуицијата е една од најбитните карактеристики на лингвистот Конески. Неговата кодификација на македонскиот јазик го потврдува тоа, забележа во една пригода академик Сузана Топољинска, додавајќи дека тој јазик, македонскиот од него кодификуван, се покажа како способен за живот и еволуира. Како и сите народи во светот, ние низ јазикот постоиме, низ неговите мисловно зборовни виртуозности, а писателот Конески беше виртуоз на мислата и на зборот“, додаде Срефоска.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи