Голема акција на МВР: Уапсени осум џихадисти кои планирале напади!

Facebook
Twitter
Email
Print

 

По повеќемесечна истрага, специјалните единици на Министерството за внатрешни работи вчера уапсија осум лица за сторено кривично дело „терористичка организација“.

 

Како што информираа од МВР, врз основа на наредби за претрес на дом и други простории издадени од судија од Основниот кривичен суд во Скопје, специјалците упаднале на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје.

 

„На 27.12.2020 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21, ) Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово за сторено кривично дело „терористичка организација“ предвидено и казниво по член 394-а став 2 од Кривичниот законик“, информираат од МВР.

 

 

Од Министерството за внатрешни работи информираа и дека приведените функционирале „врз основи на идеолошката матрица на терористичката организација Исламска држава“. Тие обезбедувале финансиски средства, огнено оружје и муниција, воена опрема и експлозивни направи. Членовите на терористичката група за меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет платформата „Ватс ап“ каде меѓудругото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси.

 

Истрагата утврдила дека еден од уапсените на 32-годишна возраст војувал на страната на џихадистите од Исламската држава во Сирија.

 

„Б.Ф. учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на Република Северна Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија. Исто така, пронајденото оружје и минско експлозивни средства на 27.08.2020 година во непосредна близина на м.в. Менкова колиба, Куманово, за кое на 31.08.2020 година кривично беа пријавени Б.А., В.А. и Е.Љ., според количината и намената укажува дека делувала повеќечлена терористичка организација, при што со дополнително собраните докази е утврдено дека постоела директна комуникација, претходен договор и знаење за превземените дејствија помеѓу сите членови на терористичката организација“, соопштија од МВР.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи