ВИДЕО – Прилеп пример за хуманост – се одржа 12-тата Божикна хуманитарна акција во црквата „Св. Благовештение“

По 12-ти пат во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп се одржа хуманитарната акција по повод празникот Божик. Акцијата ја организира неофицијалната хуманитарна организација „Свети Никодим Прилепски и Тисмански“ која е составена од вработени во црквата и голем број на верници. Акцијата се организира со парични донации на граѓани и фирми.

 

 

Годинава голема заслуга за акцијата има Билјана Миленкоска Јурукоски која долги години живее во Сиднеј, Австралија и која за оваа акција донирала 3.500 евра. Средствата биле собрани со изработка на глинени крстови со мотиви од Македонија кои потоа биле продавани. Желбата на Миленкоска Јурукоски била со парите да се купат пред се македонски производи, по можност прилепски фирми Прилеп и да се донираат на оние на кои им се најпотребни. Целта била и другите од дијаспората да се поттикнат да донираат за Македонија.

 

„Знаеме ние во која состојба се наоѓаме како држава, знаеме дека имаме многу сиромашни луѓе, така што секој што можи нека помогни. Ние со овие средства како што кажа мојата ќерка нема да им го решиме проблемот на луѓето, туку ова е едно внимание и една мала скромна помош и да се сетат и другите да тргнат по тој пат и да донираат“, истакна Целе Миленкоски, татко на Билјана Миленкоска Јурукоски.

 

Се подготвија 130 пакети со храна и средства за хигиена за социјално загрозени семејства и 10 пакети за луѓе кои живеат сами. 30-тина пакети ќе бидат распределени во неколку села. Освен со организирањето на вакви акции за Божик и Велигден оваа хуманитарна организација им помага на граѓаните и преку целата година.

 

„Преку целата година се донираат средства за болни деца, за болни луѓе, донираме парични средства, донираме и продукти кои на дел од семејствата им се потребни за да преживеат. Преку текот на целата година во црквите има поставено кутии каде се донираат средства и на таков начин ние им помагаме на луѓето“, вели Драган Џокоски, раководител на хуманитарната организација „Свети Никодим Прилепски и Тисмански“.

 

Хуманитарните пакети ќе бидат поделени во понеделник, а нив бесплатно ќе ги разнесат за прв пат оваа година дел од прилепските таксисти.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи