БОГОЈАВЛЕНИЕ

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

 

Новозаветните текстови, кои ни говорат за настанот на Христовото Крштение, со доволно јасни и прецизни во опишувањето на суштината и смислата на денешниот празник: Свети Јован ги повикува грешниците да се искапат во реката и да се покајат. Христос доаѓа при Јован за да биде крстен. Но, со овој акт, признава ли Христос дека и Он е грешник?

 

 

Пророкот проповедаше крштевање за покајание и за прошка на гревовите. Секој, кој пристапуваше пред него, признаваше дека е грешник; кој доаѓаше да се искапи, чувствуваше дека е валкан.

 

 

Тоа што многу малку, или речиси ништо, не се знаело за Христовиот живот од Неговата 12 до 30-тата година, значи за оние години, кога бујната младост полна со фантазии тешко им одолева на пороците, многумина ги наведувало на помислата дека и Он бил грешник, или барем бил сметан за грешник, како и сите останати. Она, што го знаеме за последните три години од Христовиот живот, не ни открива ни најслаба трага од било каков грев, кој би можел да се втисни меѓу почетокот преполн со Невиност и крајот преполн со Слава.

 

 

Христовите први зборови ѕвонат исто онака, како и последните; изворот, од кој тие излегуваат целосно е бистар и чист од првиот ден, во него нема ништо матно, а ни раска од некаков талог. Христос Својата мисија ја започнува сигурно, отворено и јасно. Неговиот глас е јасен, слободен, исполнет. Ведрината на Неговиот поглед, Неговата насмевка и Неговите мисли подобна е на ведрината, која настапува по силно невреме. Христос минува меѓу нечистите со природна едноставност на Чист; меѓу грешниците, со природна снага на Невин; меѓу болните, со природна слобода на Здрав.

 

 

Но, оние, кои пристпувале при Јована на Јордан, во дното на душите биле матни. Кај нив имало постојан сомнеж дека немаат целосно расчистено со стариот човек во нив, дека не е уништено старото гревовно тело. Заради сопственото спасение, тие многу страдале, имале немир во душите, па затоа спасението го чувствувале како нешто скапоцено и постојано стравувале да не го доведат во опасност или да не го загубат.

 

Меѓу оние, кои пристапувале, имало и такви, кои биле слуги, а подоцна постанале господари – а зарем таквите не се непристрасни кон своите помлади; имало и такви, кои биле сиромашни, а подоцна станале богати – а зарем таквите понекогаш не се благородни кон сиромашните; имало и такви, кои биле грешни, а подоцна станале богати – а зарем таквите засекогаш не остануваат пријатели на грешниците. Но, патот за небото им бил отворен за сите, дури и за најнечистите и најпорочните грепници. Наградата била голема, тогаш, зошто многумина и понатака посакувале да останат во мрачниот ад?

 

 

Кога покајаниот грешник им говори на своите браќа за да ги поттикне на покајание, таквиот не може да се воздржи, а да не си спомне за своето искуство, на својот пад, на своето ослободување. Од минатото човекот може да се откажи, но не може да го избриши. Тоа блика и во луѓето, кои започнуваат нов живот преку покајанието, а тие тоа и не го забележуваат.

 

Но, во Христа Господа такво минато не може да се појави никако, во никаква форма. Неговата љубов кон грешниците нема ни ронка од она упорно гадење, кое го има кај покајниците, кои се трудат и другите да ги преобратат. Христовата љубов е од срце, а не љубов по должност; братска нежност без искра прекор; спонтано пријателско братство, во кое нема ништо, кое би можело да го отфрли човекот. Христовата љубов е несебична. Тоа е љубов, која ја чувствуваат светителите во моментите на својата возвишеност и просветление; љубов, спрема која секоја друга љубов и минорна; љубов, каква што немало никогаш пред Него; љубов, која ќе се нарече христијанска и никако поинаку; Божја љубов; Христова љубов…

 

Христос дошол меѓу грешниците, но не бил грешник. Дошол да се искапи во истечната вода пред очите на Јована, но немал дамка на Себе.

 

Христовата душа била подобна на душата од едно детенце; детенце, кое ги надминало мудреците во мудроста и светиите во светителството. Во Христа нема ни искра на пуританска гордост, ниту страв од бродоломник, кој со големи маки го зграбил брегот. На ситните буквалисти, гревот може да им изгледа како најмала повреда на целосното совршенство, па дури и ненамерно неисполнување на било која од безбројните заповеди во Стариот Завет. Но, Христос не бил ни фарисеј, а уште помалку занесеник и фанатик. Он добро знаел што е грев, а што добро, но Неговиот дух никогаш не се загубил во бескрајниот лавиринт на зборови и редови. Христос добро го познавал животот: од Себе не го отфрлал, а животот сам по себе не е „добро“, туку само услов за добро. Да се јаде и пие умерено не е зло. Исто така, не е зло ни да се погледне на светот, ниту да се фрли еден поглед на разбојникот, клекнат во некој мрачен ќош, ниту со жалење да се погледне блудницата, која се освестила за престапот кој го сторила…

 

Ама, сепак, Христос доаѓа, и тоа меѓу поворката од грешници, право да згазни во Јордан. Оваа тајна нималку не е таинствена за оној, кој во обновениот Јованов обред не гледа само обична смисла.

 

Христовиот случај е единствен. Според својата надворешност, Христовото Крштение е слично на другите крштенија, но тоа се објаснува сосема поинаку. Ова крштение не е само очистување на телото, не е израз на волјата да се очисти душата, не е оставина од она првобитно чувство дека водата, која ја мие материјалната нечистотија, ќе може да ја избрише и духовната нечистотија. Таа физичка метафора, која е корисна во едноставната симболика; таа церемонија, која им е потребна на оние очи, кои мораат да имаат било каква материјална потреба, за да можат да веруваат во она, кое не е материјално, ете тоа не беше создадено за Христа.

 

Но, христос отиде при Јована за да се исполни пророштвото за Претечата. Пред тој Пророк на Огнот клекнал, за да го признае како исправен гласник, кој ја исполнил својата должност и кој слободно може да каже дека го завршил своето дело. Покорувајќи се на таа симболична инвеститура, христос реално му дал на Јована легитимитет на Претеча.

 

Ако сакаме во Христовото Крштение да побараме уште некое значење, би можеле да се потсетиме и на тоа дека, потопувањето во водата претставува симболична замена на некогашното принесување на човечки жртви. Древните народи со векови ги убивале заробените непријатели, а некои од нив и своите родени браќа, за да го умилостиват разгневеното божество, за да се покајат за некое народно злосторство или да испросат некоја необична милост. Евреите преде Јахве им ги принесуваа на жртвеник своите првородени чеда. Во времето на праведниот Авраам тој обичај беше укинат по Божја наредба, но и потоа имаше случаи на непокорност.

 

Одредени жртви се убивани на разни начини, а еден од нив бил со давење. Во местото Курија на Кипар, во Терачина, во Марсеј, уште во дамнешна историја, секоја година бил фрлан по еден човек во морето, па за такавата жртва се мислело дека е спасител на своите сограѓани. Со Христа прекинуваат ваквите бесмислени ритуали и жртвопринесувања. Во Христа сè наоѓа смисла, па затоа бесмисленото мора да исчезне. И ако некогаш давењето на невин човек претставувало жртва за умилостивување на Бога, еве сега Христос, доброволно се потопува во Јорданските води за да се принесе како жртва за спасување на човештвото. Впрочем, и нашето крштение и потопување значи соединување со Христовата смрт, зашто сите ние, кои во Христа се крстивме, во Христа и се облековме.

 

На брегот на Јордан, Господ Исус Христос своевремено стоел на почетокот на една нова епоха од Својот живот, односно, на Својот вистински живот. Потопувањето во водата за Него значело доброволна одлука да умре, но во истиот момент тоа било и Негово убедување дека ќе воскресне. Христос не влегол во Јорданските води за ја ја измие Својата нечистотија, оти неа и ја немало, туку за да означи дека започнува Неговиот нов живот и дека Неговата смрт ќе биде само привидна, како што било привидно и Неговото очистување во Јорданските води.

 

Автор: Протоереј Златко Ангелески

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи