Со вкупен буџет од 3,2 милиони евра обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА 2 на Европската унија, Владата започнува со реализација на проекти за домување на Ромите со кои се очекува да се подобрат условите за живеење на овие граѓани.
Проектите ќе бидат реализирани во следните три години во Прилеп, Битола, Штип, Берово и Кичево. Со нив ќе се опфати легализација на ромските домови, ќе се подобри инфраструктурата во ромските населби, ќе се изградат нови живеалишта за Ромите, но исто така проектите вклучуваат и вработување на младите Роми и поддршка на учениците Роми со туторство.
Со проектот планирано е да се легализираат куќите на 700 ромски домаќинства во Прилеп, а истовремено ќе има и реконструкција на 50 куќи.
Условите во кои живеат Ромите најчесто се полоши од условите во кои живеат останатите граѓани. Често тие живеат во населби кои се со нерешен статус и без основна инфраструктура.