ВИДЕО – Доведена во прашање наставата во с. Дреновци поради покачениот превоз на наставничките кои тие си го плаќаат од свој џеб – родителите не исклучуваат и бојкот

 

Во прашање е доведена наставата со физичко присуство на 22 ученици кои учат од 1 до 5 одделение во училиштето „Пере Тошев“ во селото Дреновци затоа што превозникот кој ги превезува наставничките од Прилеп им ја покачил дневната карта од 120 на 170 денари. Наставничките не сакаа јавно да зборуваат пред камерите но велат дека оваа цена била преголема. Велат од 2010 година сами си плаќаат превоз до работа, а државата не сака воопшто да им помогне. Една од опциите е децата да се преместат на онлај настава или да учат во соседното село Дупјачани, но за родителите и двете опции не се прифатливи. Барат државата под итно да го им реши транспортот на наставничките.

 

 

„Сакаат да ги пуштат децава во село Дупјачани, ако е така ни е не ги пуштаме. Подобро му е тука. Сега уште малку немаме многу работа во селото, но кога ќе излези нашава работа, а тоа ќе биде за брзо, кој ќе ги носи тогаш во Дупјачани“, рече Васе Србиноска, жител на село Дреновци.

 

„Бараме од Министерството за образование да го обезбеди превозот на наставничките, да си продолжи наставата и да си течи работата редовно“, кажа Марија Јанкоска, жител на село Дреновци.

 

„Ако бараат онлајн немаме средства за тоа, бидејќи немаме ниту лаптопи, ниту телефони такви, па ни интернет соодветен немаме, едвај обезбедуваме за поголемите деца“, кажа Аида Велкоска, жител на село Дреновци.

 

„Се обративме до директорот тој ни рече дека тие немале доволно средства за да се реши проблемот. Кај градоначалникот отидовме, но не го најдовме“, изјави Рубин Трајкоски, жител на село Дреновци.

 

Родителите се пожалија и на условите за учење на децата. Училиштето како и целото село немаат вода за пиење. За основни хигиенски потреби учениците се мијат раце и пијат вода од импровизирани чешми. Вода во буриња се носи од соседното село Мажучиште. Училиштето не е заградено, тоалетите се надвор од него, дел од учениците немале ниту книги, а сега им требало само уште овој проблем со превозот на наставничките.

 

„Условите се никакви во училиштето. Нема ниту комјутери, ниту вода, значи ужас. Служителот носи од дома или од кај било за му обезбеди на децата да пијат вода или да се измијат раце. Еве моето дете е 6 одделение нема книги. Завршува годибата за 3 месеци тоа нема книги, бараме кај директорот тој ни вели не се пуштени од Министерство“, додаде Аида Велкоска, жител на село Дреновци.

 

Директорот на училиштето Адмир Кадриески ни рече само дека се барало решение на проблемот со превозот, а од Општината воопшто не добивме одговор како ќе се реши оваа ситуација. Родителите пак не исклучуваат и бојкот на наставата.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи