Првата пратка вакцини од Србија за Македонија сепак нема да стаса денес. Иако беше најавено за денес попладне да се изврши примопредавање на вакцините на работна средба на премиерот на Македонија, Зоран Заев и српскиот претседател, Александар Вучиќ на граничниот премин Табановце.
Од Владата, пред полноќ, соопштија дека поради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, ова се одложува за друг датум следните денови.
„Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за утре на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме“ стои во дописот од Министерството за здравство.
И од кабинетот на српскиот претседател, Александар Вучиќ, објавија дека предавањето на вакцините се одложува поради дополнување на техничката документација.
„Поради неопходна дополнителна техничка документација се oдложува примопредавањето на вакцините од Србија за Северна Македонија“ соопштуваат од кабинетот на Вучиќ.