Јаневска: Создавањето на стручен образован кадар значи побрзо вработување на младите

Стопанската комора на Македонија секогаш апелира дека образованието и реалниот сектор не можат да претставуваат два одвоени света, рече на денешната прес конференција Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

„Само на една маса седнати сите чинители кои учествуваат во процесот на стручно образование можат да придонесат за обезбедување на стручен кадар, односно на квалитетен кадар кој што со своите специфични вештини може да излезат во пресрет на сите работни процеси во стопанството и модернизацијата која полека со тек на време навлегува во сите наши компании. Сакам да кажам дека со еден ваков дијалог, каде што секој ги искажува своите потреби и своите решенија, но исто така каде што секој секого ќе сослуша за она што му е многу важно, и за она што сака да го каже, и на тој начин да може да се одговори на таквите потреби, можат да придонесат за исполнување на целта на стручното образование, а тоа е создавање на стручен и квалификуван кадар и побрзо вработување на младите ученици. На тој начин ќе ја поттикнеме и атрактивноста на стручното образование, ќе создадеме нови профили, модерни профили кои што ќе придонесат понатаму за економскиот развој на стопанството“, рече Јаневска.

Стопанската комора како најмоќна и најбројна бизнис организација смета дека практичната обука е многу важна и го надополнува учењето на учениците кое што го стекнуваат во училиштето. Само на еден таков начин може да се придонесе за едно квалитетно стручно образование.

„На годишно ниво, Стопанската комора прави анализи. Првично беше на централно ниво, но сега се спушти и на регионално ниво, преку регионалните комори, и секогаш имаме една иста, јасна слика. Потребни се оние квалификации кои што бараат ниски, мануелни вештини, односно бравари, заварувачи, механичари, електро-техничари, електричари, оператори со ЦНЦ машина коишто директно можат да се вклучат во работните процеси“, додаде Јаневска.

Од страна на Стопанската комора, а во соработка со Центарот за стручно образование и обука и со МОН, минатата година биле изготвени протоколи за тоа како треба да се реализира практичната обука, посебно во специфичните сектори како што е машинството, земјоделие и прехранбена индустрија, хемија и технологија, и лични услуги каде што најмногу имаат контакти со клиенти, а кои протоколу биле одобрени и од Владата на РСМ.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи