Недела сепак нема да биде неработен ден за сите – 36 дејности ќе работат

Facebook
Twitter
Email
Print

 

 

Некои од дејностите треба „да се извлечат“ од законското решение за недела неработен ден, изјави денес министерот за економија Крешник Бектеши. А како такви министерот ги посочи трговските, но и туристичките центри кои се стратешки приоритет на нашата држава.

 

„Имајќи го предвид трендот на изградба на трговски центри, инвестициите кои се прават во таа дејност и приливот на странски туристи во викендите во нашата држава, а посебно од соседните држави, мислам дека многу внимателно треба се разгледа ова прашање и трговските центри да работат и во недела“, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

 

„Законот за трговија и Законот за угостителство се во надлежност на Министерството за економија. Ние имаме стручни служби кои направија детална анализа и споредба со состојбите во регионот и во ЕУ и заклучокот е дека треба да се одвива трговијата и во недела. Оваа дејност, како и угостителството е важна за привлекување на туристите, како и за нови инвестиции. Ако не работат молови, ако нема ресторани, ако не работат бензисски пумпи, како и каде туристите ќе се шетаат во недела. Па, исто и овдешните семејства“, додаде Бектеши.

 

Бектеши потенцираше дека Министерството за економија останува на ставот дека секоj што работи во недела треба да биде платен и да добие ден за одмор.

 

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изјави дека предлог-законот со кој недела ќе се прогласи за неработен ден е во завршна фаза, а со последните преговори се дефинирало кога ќе користат слободен ден работниците кои ќе работат в недела и за надоместокот за нив кој ќе биде законска обврска на работодавачите.

 

„На добар пат сме да го финализираме предлогот. Веќе три месеци се дебатира со сите засегнати страни. Во моментов се разговара за тоа кога ќе се користат слободен ден работниците кои работеле во недела, дали во понеделник и или во сабота како во многу земји и за надоместокот што законски ќе им следува. Предлогот ќе биде објавен на ЕНЕР за да можат сите граѓани да дадат забелешки. Од почетните 34 дејности кои треба да работат во недела, сега имаме 36 дејности и при крај сме да го дефинираме предлогот“, рече министерката Шахпаска.

 

Прогласување на недела за неработен ден е предизборно ветување на сегашната власт кое ги подели и граѓаните и институциите на два табора едни кои се за, а други против предлогот во недела да не се работи.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи