Премиерот Зоран Заев рече дека обвинетиот Сашо Мијалков бил принуден да се пријави во Обвинителството за организиран криминал откако институциите постапиле против неговото семејство како негови помагачи во бегството, но и со закана за запленување на неговиот имот.
„Семејство ризикуваше, имот ризикуваше, и сам се пријави. Но, не треба да се заборави Мијалков првично избега и барам да се истражат пропустите како се случи бегството“, рече Заев.
„Сашо Мијалков избега, па се предаде самиот. Тоа треба да му биде отежителна околност во постапките што се водат против него. Се најде на тој начин што институциите ги притиснаа неговите најблиски во истрагата за помагање при бегството. Обвинителството отвори истрага за ова кривично дело, МВР ги повикуваше на информативен разговор неговите најблиски околу бегството. Се знае со кого од семејството беше виден последен пат од полицијата како влегува во хотелот „Мериот“. Тие беа посочени како осомничени во предистрагата. И ефектот, еве го. Самиот се пријави. Учиме од бегството на Груевски и можеме да постапиме кога сакаме. Го најдовме 45 часа откако избега. Секој може да се скрие во соседна куќа, друга населба, друг град.Создадовме услови криењето да му биде неисплатливо“, рече Заев.
За тврдењето на Мијалков дека бил болен, Заев рече дека тоа е приказна за мали деца.
„Мојата температура се качи над 40 степени, не неговата. Ај доста со сите тие приказни за мали деца“, рече Заев.