Си беше еднаш одамна, но не толку многу одамна и не толку далеку… во еден свет на возрасните луѓе кога некои од нив разбраа што сè зборуваат децата заедно. Сите деца. Мали и големи. Кои живеат во различни домови. Деца, кои се посебни на секој можен начин. Децата имаат посебни права и истите треба да се признаени и заштитени.
Право на здрава исхрана.
Право на игра.
Право на љубов.
Право на школување…
И покрај големиот напредок во последните децении, милиони деца сè уште живеат без нивните основни права. Сега повеќе од кога било, животот на децата го допира насилство, конфликт, дискриминација.
И ти! И јас! Ние! Ние сме тие кои можеме да го подобриме животот на сите деца. Велат, промената почнува кога ќе тргнеш од себе. Па, така и направивме.
Коалиција на младински организации СЕГА во период од 10 години го спроведуваше проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија“ чија главна цел беше да се иницира структурно вклучување на учениците и на младинските организации преку дијалог со релевантните носители на одлуки, во насока на унапредување на законските можности за учество на младите во образовниот процес. Преку овој проект, кој траеше повеќе од една деценија, значително се придонесе за подобрување на имплементацијата на Конвенцијата за правата на детето во нашата земја. Од една страна, воведени се системски промени за да се осигураме дека се слуша гласот на учениците во училиштата, а од друга страна, се придонесе за подобро признавање и почитување на правата на децата од страна на возрасните.
Со вклученоста на институции, организации, носители на одлуки, професори, граѓани, млади лица и деца успеавме да вродиме со плод на резултати кои ќе продолжат да се спроведуваат и во иднина. Го публикувавме Водичот за ученичко учество, ученичко организирање и заштита на детските права во основните училишта, успешно се обезбедени промените во Законот за основно образование каде за прв пат во Македонија се регулира ученичкото организирање и учество во основните училишта и во согласност на Законот кој се донесе во 2019 година, учениците имаат право да се организираат на ниво на училиште и да учествуваат во донесување на одлуки. За прв пат учениците имаат право да учествуваат во оние форми каде возрасните ги носат одлуките кои се однесуваат на децата. Институцијата Ученик правобранител влезе во Законот за основно образование и е задолжителна позиција во секое училиште.
На сите нас е да сториме сè за да ги заштитиме најмилите и најранливите во нашата заедница. Кога се заштитени правата на децата, децата имаат многу поголема шанса да растат во општество што им овозможува да напредуваат.
На децата гледаме како на агенти на трансформација. Да им помогнеме да изградат посветла иднина за себе и за следната генерација на деца што доаѓаат.
Автор: Лела Јурукова