Недопрена церемонијална кочија е пронајдена во близина на археолошкиот локалитет Помпеја, што се карактеризира како едно од најважните откритија во таа област во близина на денешен Неапол.
Во 79 година Помпеја доживеала катастрофа од невидени размери кога еруптирал вулканот Везув и го затрупал градот со жешка лава и големо количество пепел.
1942 години подоцна, археолозите и натаму откопуваат интересни работи од овој град кој поради начинот на кој бил уништен нуди одлични услови за поглед во минатото.
Деновиве, италијански тим на археолози откри кочија направена од железо, бронза и калај, надвор од sидовите на античкиот град, во близина на местото каде што претходно биле ископани остатоци од три коњи. Кочијата сѐ уште не е целосно извадена, но забрзано се работи на неа, а археолозите веруваат дека овие кочии биле користени за церемонии и паради, можеби дури и за свадби.
Археолошкиот парк на Помпеја објави дека станува збор за „извонредно откритие“ и се наведува дека досега не бил пронајден подобро сочуван предмет во Италија.