Премиерот Зоран Заев рече дека е постигнат договор со компанијата Фајзер и оти се очекува до крајот на март во земјата да пристигнат 21 илјада дози вакцина од Фајзер.
„Договорот со „Фајзер“ е постигнат. Во првото тримесечје, тоа значи дека некаде кон крајот на март, ќе ги добиеме тие 21.000 дози вакцина Фајзер, во второто тримесечје ќе добиеме уште повеќе, а во третото уште повеќе вакцини“, рече Заев.
Заев најави дека веднаш после првата пратка од Фајзер треба да пристигнат и кинеските и руските вакцини.
„Веќе имаме во вториот квартал поголеми количини, третиот и четвртиот се најголемите количини. Не се работи за несериозност, заради тоа што знае целиот свет, знае целиот македонски народ дека единствена причина е недостигот на производство во делот на количините на вбакцини за било која вакцина и да се работи. Ние сме мала земја и сакам да го осигурам и да му гарантирам на нашиот народ дека како Влада, како МЗ имаме направено повеќе од тоа што е доволно. Имајќи во предвид дека ќе треба 1 милион народ од прилика да се вакцинира за да ја постигнеме имунизацијата, за којашто би било потребно да има 2 милиони вакцини, вие ако ги броите 800 Фајзер, 833 ковакс механизмот, 400 илјади имаме од Кина, 200 илјади имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согласно грантот од 70-те милиони евра, донациите коишто диполнително ги најавија сите соседи, стигаме до 2 ипол милиони вакцини“, кажа Заев.
Инаку, Македонија досега има обезбедено само 8.190 дози вакцини против Ковид-19. Вакцини „Фајзер“ беа дадени како донација од Србија и беа користени за вакцинирање на здравствениот персонал.