За посреќен 8-ми Март в година – изберете да бидете подобра личност

 

 

„Човековите права на жените и девојчињата се неотуѓив, составен и неразделив дел од универзалните човекови права. Еднаквото учество на жените во политичкиот, граѓанскиот, економскиот, социјалниот и културниот живот на национално, регионално и меѓународно ниво и искоренувањето на сите форми на дискриминација врз основа на пол се приоритетни цели на меѓународната заедница“, се посочува и во Виенската декларација и во Програмата за акција во врска со Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.

Да се вратиме назад во 1857 година, 8-ми Март, во Њуjoрк, каде се одржал голем протест против лошите услови за работа и ниски плати, во организација на жени вработени во текстилната индустрија.  Полицијата ги растурила демонстрациите, а газдите одговориле на жесток начин. Ги заклучиле работничките во фабричките хали со цел да не се прошири протестот. Од непознати причини се појавил пожар кој предизвикал вистинска катастрофа усмртувајќи 129 жени работнички. Катастрофата предизвикала вистински бран на реакции во целиот свет. На погребот на загинатите работнички присуствувале над 100 илјади луѓе. Жените два месеци подоцна основале Синдикат.

Во 1908, повторно на 8-ми Март, во Њуjорк, 15 илјади жени марширале низ градот сакајќи пократко работно време, поголема плата, права на глас и забрана на детската работа. Тие протестирале под слоганот „Леб и рози“, каде што лебот е симбол на економската безбедност, а розите претставувале подобар квалитет на живот. Подоцна, истата година, последната недела во февруари, била донесена одлука да се одбележи Националниот ден на жените, во период од 1909 – 1913 год.

Приказната продолжува во Данска, каде на меѓународна конференција, се сретнале социјалистички организации, и каде што Клара Цеткин, германска социјалистка, предложила да се прогласи Меѓународниот ден на жените. Повеќе од 100 жени, од различни земји, веднаш го прифатиле предлогот, но точен датум не бил избран.

Следната година,  Меѓународниот ден на жената е одбележан на 19-ти Март, во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија, каде што мажите и жените го бараат правото да гласаат, да бидат избрани и да се забрани дискриминацијата на жените на работа.

Крајниот настан значаен за историјата на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, се одржал во Русија 1917, кога руските жени почнале протест. Ги постигнале своите цели и добиле право на глас.

Конечно, во 1975, Обединетите нации го прогласиле 8-ми Март како официјален ден за прослава на долгата женска борба за еднаквост во светот, базирано на патријархатот.

8-ми Март е денот кој нè потсетува дека сè додека сите не ги уживаат истите права, придобивки и обврски, нема да живееме во правично и рамноправно општество. Реалноста е дека луѓето не се  секогаш вреднувани според интелигенцијата, со нивните способности, со нивната компетентност.

Не верувам дека постои некаква формула на правилно одбележување. Она што е важно е дека треба да се знае зошто се одбележува и зошто е важно да се одбележува. Ако во некои средини, празнувањето на 8 Март е начин жените да излезат од дома, да се здружат,  да поразговараат, не гледам ништо лошо во тоа.  Но, други го одбележуваат со тоа што ќе отворат одредени (сè уште) табу теми во јавниот дискурс, ќе разговараат за предизвиците, за исклученоста, дискриминацијата и генерално подигање на јавната свест за нееднаквоста помеѓу мажите и жените и потребата од сериозни промени. Трети сакаат да маршираат и да потсетат дека родовата еднаквост не е постигната и дека потребни се значајни проемни и храбри политички одлуки за промена на работите.

Ова е празник на отпор кон сè што ја гуши слободата, а пред се слободата да размислуваме, да се образуваме, да веруваме, да постапуваме и слободата на избор.

Нема потреба да се оди наоколу и да се зборува за женските права. Треба да одиме наоколу и да зборуваме за човековите права. Жените се луѓе, така? Не е потребно да бидеме еднакви. Потребни ни се еднакви можности. Не е потребно да се очекува дека жената ќе ги прави истите работи што ги прави мажот. Треба да зборуваме за одговорност едни кон други.

Спротивставен свет е свет на тревога. Поединечно, сите сме одговорни за сопствените мисли и постапки – цел ден, секој ден.

Сите можеме да избереме да предизвикаме и да ги повикаме родовите пристрасности. Сите можеме да избереме да ги охрабруваме и славиме женските достигнувања. Колективно, сите можеме да помогнеме во создавањето на инклузивен свет.

Од предизвикот доаѓа промената, па ајде сите да избереме предизвик за да станеме подобра личност. Предизвик е да го користите мозокот и да бидете морална личност, да ги застапувате оние непишани правила за кои што ниту една декларација, ниту еден меѓународен ден и ниту еден закон нема да бидат доволни, ако вие самите не го чувствувате тоа.

Ако си девојка која добива поддршка за да остане на училиште, охрабрете ги и вашите соученички да го сторат истото. Ако си маж или момче, можеш да работиш заедно со жените и девојчињата за постигнување eднакви можности.

Заедничкиот пристап ќе им помогне на жените и девојчињата да го постигнат целиот свој потенцијал.

Секако, денот воедно е и добра прилика да им се заблагодарите на сите жени кои ви го овозможиле, изградиле, подобриле, развеселиле и разубавиле животот.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи