Најчесто кога ќе го слушнеме поимот извидници, помислуваме на група деца кои одат на кампување. Но, малкумина знаат дека извидништвото ги опфаќа и младите од 18 до 29 години, именувани како Ровери, термин кој потекнува од англискиот збор Rover и означува човек кој што патува/талка.
Набргу по создавањето на извидниците во 1907, Баден Пауел пишува книга „Rovering to Success“, прва од својот вид, наменета за оваа возрасна група, книга преку која ги адресира актуелните потреби на младите, како тие да се спознаат себеси и да го спознаат светот околу нив.
Се разбира, во денешен контекст, зборот „ровери“ е скоро идентичен со зборот „млади“ со таа разлика што роверите, под капата на извидништвото, поминуваат низ посебна роверска програма наменета за доизградба на својот карактер и дух како и пронаоѓање на своето место во денешниот свет.
Роверската програма е базирана на многу истражувања кои ги дефинираат денешните променливи потреби на младите а вклучуваат: авантура, активизам, квалитетно користење на слободното време, неформално образование итн.
Различна во секоја држава, но со иста цел и базирана на исти потреби, македонската роверска програма вклучува 12 модули односно 12 авантури на различни локации: Од Трескавец до Зрзе, македонски водопади, западно-македонска трансверзала, Галичица, Вевчански карневал итн. Преку ваквите авантури, кои се забавни и непредвидливи, роверот се наоѓа во ситуации каде што треба да донесе правилна одлука, што понатаму во животот му користи во процесите на расудување во дадени ситуации.
Волонтерството во извидници, освен знаење, искуство и вештини, носи и незаборавни пријателства и авантуристички моменти. Така, минатото лето заедно со наши пријатели од Кичево и Штип одлучивме да ја поминеме Галичица, почнувајќи од Стење до Извиднички центар Охрид односно од Преспанско до Охридско Езеро. Во текот на дводневниот хајк имавме можност да ја запознаеме убавината на Галичица, да ги видиме двете езера одеднаш, но и да запознаеме херои како Антонио од Спасителната служба на Црвен Крст Охрид, луѓе со неверојатни, но вистинити приказни кои сакаат да го споделат своето знаење.
„Роверскиот живот е посебно доживување во целата извидичка приказна, еден премин од „безгрижниот свет“ во светот на возрасните, но на правилен начин, свесен за себе, одговорен, спремен за идни предизвици и пред сѐ самоиницијативен. Во Македонија голем дел од роверите се водачи на своите локални одреди, успешно учествуваат и придонесуваат за нивните заедници, покренуваат иницијативи и најважно од сѐ, вложуваат во себе. Токму тоа е и мисијата на извидништвото, од мали деца да изгради возрасни кои се самоисполнети и имаат конструктивна улога во општеството. Многу е интересна онаа интернационална димензија на извидништвото, роверите често имаат можности да патуваат и да се запознаваат со врсници од другите земји, да разменуваат идеи и да се забавуваат заедно, но за ова ќе ви раскажиме понатаму.“ – Александра, Дино и Ана.
Доколку и вие сакате да создавате трајни пријателства низ целиот свет, не се двоумете да се приклучите на нашето движење кое е отворено за сите. За повеќе информации, посетете нѐ на фејсбук и инстаграм.
Уживајте во видеото од една наша тура-авантура:
Автори: Александра Стојаноска, Дино Релушкоски и Ана Плетварец, водачи во ИО „Феникс“