Владата ја прифати препораката на Главниот кризен штаб за воведување полициски час од 22 до 05 часот кој во сила ќе стапи од утре и ќе се спроведува до 22 март, а доколку бројките на болни продолжат да растат не е исклучено полициски час да биде воведен за цели викенди, соопшти премиерот Зоран Заев. Тој рече дека одлуката ќе има и превентивна функција, ќе се имаат предвид и претстојните празници, како рамазанските пости, па дали ќе има продолжување на мерката по 22 март, ќе зависи од препораките на Комисијата за заразни болести.
Заев oдговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата, рече дека одлука има и за задолжителен карантин од 14 дена за секој граѓанин и патник кој доаѓа од африканскиот континент.
„Ако не паднат бројките, не е исклучено да се воведе полициски час во траење на цели викенди“, рече Заев.
Премиерот апелира максимално да се почитуваат одлуките и најави дека ќе има засилени полициски и инспекциски контроли бидејќи, како што нагласи, во земјата е дојдено до опуштање, има групирања на граѓани и непочитување на мерките за носење маски и држење дистанца. Премиерот упати порака до угостителите строго да ги почитуваат здравствените протоколи нагласувајќи дека ќе има засилени контроли.