Стручниот надзор на Лекарската комора спроведен за гинекологот и директор на струшката болница доктор Мухамед Асани покажале дека немало пропуст во лекарската интервенција кога на родилката Веапоска Јалдз и биле отстранети матката, бубрегот и јајникот, објави „Слободен печат“.
Министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во емисијата Утрински брифинг ја потврдува ваквата информација.
„Стигна извештајот од Лекарска комора, не нашле пропуст во стручниот надзор“, вели Филипче.
Родилката Веапоска која е медицинско лице посведочи дека по излегувањето од болница, од операционата сала останала без органи, за коишто тврдеше дека не знае зошто и биле извадени.
По нејзиното сведоштво и пријава до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во куќата на лекарот Мухамед Асани, инаку член на Лекарската Комора, беше откриена гинеколошка ординација без документација, односно гинеколошка ординација во која четири жени со нотарски изјави тврдеа дека Асани ги прегледувал и им ја следел бременоста изминатите години.
Филипче додава дека за дивата ординација која Асани ја имал дома, а за која Државниот здравствен инспекторат одлучувал, има постапка во обвинителството во Струга.