Собранието денеска едногласно го донесе Законот за изменување и дополнување на Закон за тутун, предложен од група пратеници од владејачкото мнозинство.
Сите пратенички групи се согласија дека треба да им се помогне на тутунопроизводителите и да се продолжи рокот за откуп на тутун за 1 месец.
Предлог-законот го образложи пратеникот од СДСМ, Миле Талески, кој е еден од предлагачите.
„Целта на измените и дополнувањата на Законот за тутун е да се продолжи периодот на откуп за еден месец со што ќе се надминат проблемите со откупот на тутун и ќе им се овозможи на откупните претпријатија да го откупат целокупното производство на тутун“, истакна Талески.
Предлагачите на измените на законот, појаснуваат дека се работи за околу 785 производители и околу 451 409 килограми тутун кој може да остане неоткупен во законски предвидениот рок и затоа се бара продолжување на рокот за еден месец.