Асоцијацијата на Ивент Индустријата преку отворено писмо до Владата побара средба со премиерот или со некој од членовите на Владата најдоцна до 29 март, во спротивно најавија „решавање“ на проблемот на радикален начин.
Писмото го пренесуваме во целост.
„По неколку неуспешни обиди да стапиме во контакт со вас или некој од членовите на Владата задолжени за прашањето кое не засега, приморани сме на ваков чин, т.е. јавно да ви се обратиме.
Ние, членовите на Асоцијацијата ИВАП како и целата заедница на компании која се занимава и работи во секторот организација на настани сме доведени во крајно незавидна и тешка состојба. Веќе една година секторот не работи или работи делумно, со крајно ограничувачки фактори и економски неисплатливи проекти. Тоа значи дека компаниите и вработените се оставени без основна можност за приход или заработка за живот.
Се обидовме да бидеме конструктивни, да не придонесуваме за ширење на заразата, не вршевме притисок врз вас и имавме разбирање за ситуацијата во која сите се наоѓаме. За жал, не го добивме истиот пристап и од Ваша страна.
Ни го ограничивте основното човечко право да работиме и да заработуваме, а притоа на ниту еден начин не се обидовте да ни помогнете! Донесовте пакет мерки кој го наменивте за нас. Тој пакет мерки ниту е ставен во функција ниту ќе придонесе за олеснување на нашата тешка состојба.
Почитуван Премиере, нашето трпение е пред крај. Немаме друг избор освен да се бориме за нашите компании, за нашата егзистенција и за нашите колеги. Бараме средба со вас или со некој од Вашите министри задолжени за овие прашања, како би можеле итно да изнајдеме решение.
Очекуваме средба најдоцна до 29 март оваа година.
Доколку не бидеме повикани и доколку итно не се најде решение, ќе бидеме приморани да го искористиме нашето право решенијата да ги бараме на поинаков, за жал, радикален начин.
Искрено ве замолуваме да не нé терате нашата едногодишна тишина да ја претвориме во голема врева, која нема да престане се додека не се исполнат нашите барања“, стои во писмото.