Жените земјоделки и пандемијата од КОВИД-19

 

Пандемијата со КОВИД-19 донесе многу предизвици во секоја сфера на нашето живеење, со посебно негативно влијание на животот на жените од руралните средини.

Македонските жени ангажирани во земјоделство особено сe погодени од пандемијата, и се соочија со влошување на постоечките економски, социјални и технолошки нееднаквости.

Затворањето на училиштата и градинките, како и ширењето на пандемијата, дополнително ја зголемија неплатената работа во домот и грижата за децата, како и за заболени членови во семејството, проследено со економски загуби, неформална вработеност, непристап до социјална заштита, и родово насилство кои забележаа пораст како последица на пандемијата со КОВИД-19.

Полицискиот час, затворањето на локалните пазари ја зголемија неизвесноста и создадоа услови за подложност на дезинформации, со дополнително влијание на економската состојба на жените. Помалиот пристап до заштеди и кредити, со ограничувањето на пристапот до ресурси за работа како и намалените приходи, ги отежнаа подготовките за наредната сезона, и го зголемија ризикот од сиромаштија.

Теренското истражување на ЛАГ АГРО ЛИДЕР ги поткрепи наодите дека жените-земјоделки се особено загрозени поради послабата економија, ограничениот пристап до здравствена заштита и социјални права, како и ограничениот пристап до услуги, ресурси и сл. Од аспект на земјоделското производство и економските придобивки од земјоделска дејност, над половина од испитаните жени-земјоделки не биле во можност да ги продаваат своите производи со што им се намалиле приходите и не биле во можност да ги обезбедат потребните средства за следната производна сезона. Жените кои се носители на поголеми земјоделски стопанства, не биле во можност да обезбедат работна сила и се соочиле со загуби во производството со економски последици, кои дополнително ја отежнала нивната економска стабилност.

Земјите во светот кои се соочуваат со справување со последиците од пандемијата со коронавирус, своите политички интервенции ги насочија кон креирање на програми и мерки кои се однесуваат на специфичните потреби на жените-земјоделки за да го ублажат тековниот економски пад, забрзување на процесот на закрепнување во руралните области и за ублажување на постоечките родови нееднаквости.Се повеќе податоци ја демонстрираат моќта на интервенциите наменети за жени-земјоделки кои може да помогнат во заштита на нивните животи и нивната економска состојба во време на пандемија од КОВИД-19.

Во нашата држава, креираните програми и мерки не покажуваат родова сензитивност, и не овозможуваат социјална благосостојба и економска стабилност на земјоделските стопанства.Напротив, ги зголемија ефектите на неповолните случувања и ја зајакнаа родовата нееднаквост.

Политиките во соседните земји како на пр. Република Србија во време на КОВИД-19 презентираат активни мерки за поддршка преку креирање нови мерки за поддршка на земјоделството содиректна финансиска поддршка за земјоделските стопанства и олеснет пристап до кредити со субвенциониран дел од каматата. Мерките за директна финансиска поддршка докажано помагаат за полесно надминување на кризата и забрзување на процесот за закрепнување од негативните последници од пандемијата од КОВИД-19

Во други земји во светот, политиките во земјоделството имаат родово-сензитивен фокус и овозможуваат  директна поддршка за жени-земјоделки  како субвенции за инпути (ресурси) за производство што може да поттикне инвестиции, да го поттикне производството и да ја зајакне безбедноста на храната.

Програмите и мерките за поддршка за воспоставување на дигитални канали за снабдување со ресурси, а воедно и за употреба на дигиталната технологија за промоција и продажба на производството забележале значајни резултати во обезбедување приход за земјоделското стопанство.

Пандемијата со КОВИД-19 во нашата држава ги уназади достигнувањата направени за подобрување на економската и социјалната состојба на жените-земјоделки, а како што продолжува траењето на пандемијата, последиците ќе стануваат посериозни. Во ова време на криза, нашата држава несмее да дозволи постигнатиот напредок да се соочи со уназадување, и затоа согласно идентификуваните предизвици со кои се соочуваат жените-земјоделки треба да се направи политичка интервенција за економска поддршка, како и да се воведат програми за постигнување на социјална и здравствена заштита и родова еднаквост, зошто непобиен е фактот дека обезбедувањето на поддршка на жените-земјоделки е критична развојна патека за да може да се обезбеди намалување на сиромаштијата, родова еднаквост и развој на руралните средини.

 

Автор: ЛАГ Агро Лидер

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи