Македонската порака по повод 27 март – Светскиот ден на театарот

Сузан Акбелге – актерка, Н.У. Турска драма, Скопје, авторка на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот.

Дали животот е сон?
Дали сонот е живот?
Зарем битисувањето на сцена не е сонување со очи ширум отворени?

Меѓу просторот кој магично се протега помеѓу актерот и публиката, сега и тука, пореално дури и од самите себеси, е она што ја исполнува суштината на театарот. Зарем не звучи како љубовта која е интимна, бескрајна, безвремена… Дадена само и само по своја волја… слободна.

Само љубовта може да ја смени неговата душа и само вистинската љубов може да го смени светот, да го оттргне волчјиот замав од патот на алчноста и кукавичлукот кон оној на честа, охрабрен.

Бертолд Брехт прашува: „Во мрачните времиња ќе има ли пеење ?“ и одговара: „Да, ќе има пеење за мрачните времиња.“

Во далечната 1606 год, кога во Лондон за време на големата чума театрите биле повеќе затворени отколку отворени, Вилијам Шекспир во самоизолација ги создал двете култни драми Кралот Лир и Магбет… Актерите ги напуштиле големите градови додека претставите се изведувале на отворено во помалите места.

Деновиве додека чувствуваме дека отсекаде не демне невидливиот тиранин, водени од палката на неговиот ритам, тој кој не присили да се прибереме не само во своите домови туку пред сѐ во себеси… за првпат после долго време какафонија… (пауза)… монолог.

Толку тивок, а толку гласен, толку слободен, а заробен.

Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата сѐуште не знаеме, но она што со сигурност го знаеме е дека светот во којшто човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица која на сила втурнува политички чиновници кои уништуваат институции и цели генерации луѓе… актери, е неодржлив и дека промените се неминовни и нужни како на општествено, така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво.

Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативности истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина.
…………………………………………………

Денес на светскиот ден на театарот, во време на голема криза
кога во изобилие го имаме само времето… Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме.

На крајот, ве поздравувам со зборовите на бардот на македонската драма, Горан Стефановски,
„Ќе зборуваме или ќе работиме?“.

 

Сузан Акбелге

 

 

Кратка биографија

 

Сузан Акбелге – актер. Родена е 1974 год. во Германија. Расте во немирниот и авантуристички дух на нејзините родители кои често патуваат и трагаат по нови култури. Детството го поминува на релација помеѓу Германија, Турција и Македонија. Основното училиште го започнува во Истанбул за да подоцна го заврши во Скопје. Во 1995 год. се запишува на Факултетот за Драмски уметности во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Додека студира паралелно ги фрла првите чекори на театарските даски на тогашниот Театар на Народности во Скопје подоцна Турски театар. По неколку одиграни улоги 1998 год. добива прилика да заблеска во улогата на Аглаја Ивановна во „Идиот” од Достоевски за која подоцна фестивалот Војдан Чернодрински ја наградува за најдобра млад актерка. По нејзиното дипломирање 1999 год. нејзиниот немирен дух ја води да истражува и на другите сцени паралелно со турскиот театар.

Од 2000 год. и како помлад асистент по сценски говор со техника на глас на Факултетот за Драмски уметности. Позначајни претстави кои имаат оставено трага на нејзиното актерско искуство од 1996 се „Вон колосек “, „Идиот “, „Мемоарите на Сара Бернард”, „Плеј Шекспир”, „Маcedoine Одисеја 2001”, „Лудиот Ибрахим”, „Собранидела од Шекспир”, „Антигона”, „Волшамба”, „Случки од животот”, „Животот е кабаре”, „Аман да не чуе жена ми “, „Гилгамеш”, „Бура”, „Пинокио”, „Игра на слободата”, „Аziz name“, „Евнух”, „Мојот свет”, „Црн молив“, „Будење на пролетта”, „Семеен викенд”. Во 2007 год. се вработува во Турскиот театар во Скопје.

Инспирацијата која ја добива секогаш кога работи со исклучителни режисери и дава можност јасно, емотивно длабоко и интимно да ги одигра улогите. Таков беше успехот и со улогата на госпоѓица Јулија во истоимената претстава од Аугуст Стриндберг. Се закитува со златниот медалјон на кој е ликот на Ристо Шишков за најдобро актерско остварување во 2010 год. на камерниот фестивал Ристо Шишков.

„Јас Орхан“, „Арапска ноќ”, „Сон на летната ноќ”, „Шехерезада и Шехријар”, „Сите мои синови”, „Кога лисјата паѓаат”, „Шекспир во приказни”, „Камен”, „Мизантроп”, „Прометеј”, „Генерална проба на самоубиството”, „Комедија на грешки”, „Пеги Пикит го гледа лицето на бога”, „Отело”, „Бог на масакрот”, „Три сестри”. Освен на театарската сцена ја гледаме и во улогата на водителството на култната манифестација Глумците пеат, како и во делот на танцот. Често учествувала на хуманитарни концерти и манифестаци и каде говори поезија. Можеме да ја видиме и во една од позначајните улоги на турската тв серија „Збогум Румелија”, „Последното лето на балканот”. Театарски филм „Отело” од истоимената претстава како и на филмското платно „Балканот не е мртов”, „Најтешкото нешто”.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи