ВИДЕО – Позитивни слободно шетаат по улиците, ситуацијата во Прилеп алармантна, 1030 активни случаи

Ситуацијата во Прилеп е крајно загрижувачка и алармантна. Прилеп е втор град во Македонија според бројот на активни случаи, новозаразени, хоспитализирани и починати лица од Ковид-19. Според епидемиолозите ваквата состојба се должи пред се на новиот британски сој на вирусот, кој што е многу позаразлив, на тоа што голем дел од граѓаните ги кријат контактите, но исто така фрапантно е тоа што дел од нив иако се позитивни несовесно излегуваат и шетаат слободно низ градот.

 

 

„За тие кои се позитивни на Ковид 19 ако примаат терапија и користат дневна болница да не кореспондираат со граѓаните, да не шетаат по улица. Дури имаме такви информациии дека одат по аптеки и по лаборатории за да проверат некоии резултати. Мислам дека мора да се почитуваат овие правила, тоа е основа за да не се зголемува бројот на новозаболени“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Само минатата недела во Прилеп имало 407 нвои случаи на Ковид 19, а починале 20 граѓани. Во моментов во градот се активни 1030 случаи. Од почеток на пандемијата се заразиле вкупно 6.935 лица, а починале 327. Токму поради овие застрашувачки бројки Општина Прилеп останува на ставот Владата само за Прилеп да донесе мерка полицискиот час да започнува во 19, а не во 22 часот. Според градоначалникот Прилеп ќе биде можеби првиот град кој ќе стекне колективен имунитет.

„Се претпоставува дека бројката на вкупно заразени досега која е околу 7.000 е неколку пати поголема и ние први ќе бидиме или помеѓу првите градови кој ќе стекне колективен имунитет на Ковид 19. До крајот на летото би имале висок процент на заболени и заразени граѓани, граѓани кои се излекувани и го поминале Ковид 19“, додаде Јованоски.

Во Прилеп хоспитализирани се 112 граѓани, од кои 87 се на кислородна поддршка. Слободни има уште 18 кревети. Неделава треба да се пушти и модуларната болница, која ќе има капацитет за околу 35 пациенти.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи